Божикен ручек за 400 деца од Македонија

Во хотелот „Кристал палас“ во Прилеп по деветти пат се одржа традиционалниот заеднички божикен ручек за деца од повеќе градови од Македонија, во организација на Детската амбасада „За сите деца во светот“.

Александра Северковска-Стојановска од Детската амбасада истакна дека  целта на  традиционалниот божикен ручек е децата да се дружат и да ја почувствуваат радоста на Божик.

- Целта е едно небо за сите деца. Денеска на заедничкиот ручек се околу 400 деца од повеќе градови во земјава, деца без родители, деца на загинатите бранители, деца со посебни потреби и деца од сите верски заедници, рече Северковска-Стојановска.

Божикниот ручек го благослови владиката Петар кој нагласи дека ова е најрадосниот празник, посебно за најмладите.

Прилепскиот градоначалник Марјан Ристески на децата им подели новогодишни пакетчиња.

- Задоволство е да се биде со децата токму на Божик. Им поскаувам сите желби да им се исполнат и да имаат радосни детски денови, рече Ристески.

На денешната свеченост по шести пат беше доделен и Орденот на мирот. Го доби првиот човек на АД „Гранит“ од Скопје, Страшо Милковски. 

За божикната атмосфера во хотелот „Кристал палас“ се погрижија хорот „Детски ангели“ од Прилеп и младите од фестивалот „Ѕвездички“.

 

 

Оцени ја веста

07.01.2015 - 15:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа