„Веритас“: Ја одбранивме црквата - Државниот инспекторат ќе ја поништи одлуката на Жерновски
Претставници од граѓанската иницијатива „Веритас“ се сретнаа со директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа Ванчо Шехтански и побарале да се преиспита одлуката која евентуално денеска ќе биде донесена на седницата на Советот на општина Центар.
- Нашата цел е постигната. И покрај обврската на Државниот инспекторат да го прави тоа што ние го побаравме, добивме уверување од директорот дека ќе постапи онака како што му налага неговата функција. Денеска ги мобилизиравме и државните институции, а исто така бараме поддршка и од редовите на црквата, изјави Сузана Миновска од „Веритас“.
Таа изрази благодарност до сите оние кои ги поддржале протестите. - Ќе ја браниме црквата, ако ја донесе одлуката и ако не ги чека одлуките на Државниот инспекторат за локална самоуправа, изјави Соња Зашевска.
Одржувањето на протестите на граѓанската иницијатива „Веритас“ за продолжување на изградбата на црквата „Св. Константин и Елена“, како што информираат од „Веритас“ ќе зависат од одлуката на градоначалникот на Центар Андреј Жерновски и од државните институции.