Какви се шансите на Македонија на Мундијалот во Катар?
Македонската ракометна репрезентација интензивно се подготвува за Мундијалот во Катар кој стартува на 15-ти јануари.
Избраниците на селекторот Ивица Обрван првиот меч го играат на 16-ти јануари против Тунис со почеток во 17:00 часот. Првиот меч секогаш е најтежок, но и најважен. Многу нешта во продолжението од шампионатот за нашата селекција ќе зависат од исходот на овој натпревар.
Тунис не е селекција за потценување, напротив тоа го покажа на турнирот „Жолтиот куп“ кој го освоија победувајќи на три натпревари против Швајцарија, Белорусија и Словачка.
Обложувалниците уште сега го кажаа своето. Според некои обложувалници Македонија е благ фаворит во пресметката со Тунис, а според други, повеќе шанси за победа му се даваат на нашиот прв противник на Светското првенство.
Во онаа генерална листа, пак, Македонија се најде на 12-тото место според шансите за освојување на златниот медал на Мундијалот. Најмногу шанси според обложувалниците за освојување на пехарот има Франција, следуваат Данска, Шпанија, Хрватска, а првата петорка ја заокружува селекцијата на Катар која е домаќин на првенството. Високото котирање на оваа листа на Катар не треба да чуди бидејќи во последните неколку години оваа земја многу вложува во овој спорт, а речиси цела репрезентација е составена од странски ракометари.
Амбициите на Македонија на овој Мундијал се добро познати, а тоа е пласман помеѓу првите седум селекции и обезбедување место во квалификациите за Олимписките игри во Рио кои ќе се одржат во 2016-та година.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа