Груевски: Нека Бог донесе мир и љубов во сечие срце!
Премиерот Никола Груевски по повод големиот христијански празник Божик упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, членовите на Синодот, на ценетото свештенство и монаштво и до сите православни верници од Македонија и дијаспората.
- Христовото раѓање и симболиката на Божик е една од најсилните поткрепи на секој верник. Овој ден не потсетува дека Бог во својата намера да го доближи човекот до себе, одлучи и Самиот Тој да постане човек и да ги превземе врз себе сите слабости и гревови на човековата природа. Токму затоа, Божик е најубавиот и најрадосниот христијански празник. Да одбележиме, но и да се потрудиме да вратиме со добри дела, со чиста мисла, со љубов, толеранција и трпение. Да го празнуваме заедништвото со Бога и да се помолиме и во иднина Бог да биде со нас во сите потешкотии за да ги надминеме, во секоја тага за да ја пребродиме и во секоја радост да ја удвоиме, се вели во честитката.
Воедно, се додава, како денес, така и засекогаш, нашите срца и домови нека бидат отворени за нашиот Бог, за сета добрина и милостина, нека од нив блика светлина која ќе ја рашири божикната магија од милосрдие и радости.
- Нашите молитви нека донесат многу здравје, успех и благосостојба на сите верници во Република Македонија и секаде во македонската дијаспора. Нека Бог донесе мир и љубов во сечие срце! Нека неговата мудрост ни донесе благосостојба и многуброен пород! Нека е за многу години големиот христијански празник – Божиќ! Христос се роди!, се вели во честитката од премиерот Груевски.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа