Шок за велешанка: Сопругот кој сакал да ја убие сега е жив мртовец
Велешанката Светлана Ангеловска не може да извади умреница за поранешниот сопруг кој починал минатата година, бидејќи во државните институции тој сеуште се води како жив, објавува Дневник. Ангеловска дошла до оваа констатација кога побарала документ дека Борислав е починат во велешкото Одделение за водење на матичната документација во Велес.
- Минатата година на 17 декември ми се јавија од болницата во Бардовци каде што Борислав се наоѓаше на задолжително лекување, дека починал. Побараа од мене да го погребам. Јас одбив зашто со него судски сум разведена откако се обиде да ме запали заедно со куќата во која живеевме. Kога неодамна бев во велешката матична служба да извадам документ дека тој е починат, тие ми рекоа дека таков документ кај нив нема, не се води дека е умрен бидејќи никој не го пријавила, изјавила Ангеловска за Дневник..
Инаку, во 2007. Борислав ја запалил куќата во која живееле за да ја убие својата сопруга, но, Ангеловска успеала да се спаси. Сега на Светлана и е потребна умреницата за Борислав за да се изврши пренос на имотот, кој е на негово име. Веќе шест години Светлана живее како потстанар кај свои блиски, бидејќи не може да го реши станбеното прашање. Сега, таа ја започнала постапката, но, повторно наидува на проблем и не е ниту педа подалеку отколку на почетокот.