Адеми: За МОН е прифатлив предлогот на Универзитетот на ЈИЕ

 

За Министерството за образование и наука е прифатлив предлогот на Универзитетот на Југосточна Европа македонските универзитети да работат според студиски програми на најдобро рангираните универзитети во Европа и САД.

Министерот Абдилаќим Адеми во изјава за МИА посочи дека предлогот ќе го подобри квалитетот на високото образование и ќе ја зголеми мобилноста на наставниот кадар и на студентите. Конечниот одговор, посочи Адеми, МОН ќе го даде при разгледување на измените на Законот за високо образование, кој е во второ читање во Собранието.  

- Добивме конкретен предлог од Универзитетот на ЈИЕ околу можноста за усогласување на студиските програми на нашите универзитети со најдобро рангираните универзитети во светот. Тој предлог го разгледавме и делува како прифатлив затоа што сметаме дека преку тоа може да се зголеми квалитетот на високото образование во Македонија, но исто така и на универзитетите ќе им овозможи да се зголеми мобилноста на студентите и на професорите, изјави Адеми.

Според него, тоа исто така ќе овозможи универзитетите полесно да стигнат до потпишување на меѓународни договори со најдобрите универзитети во светот, како и подобро искористување на европските средства од програмите Еразмус и Хоризонт 2020, за кои, рече, се меѓу механизмите и алатките за подигнување на квалитетот и мобилноста на македонските универзитети и нивната соработка со универзитети во регионот.

Една од целите, посочи министерот Адеми, е усогласување на стандардите за реципрочно признавање на дипломите.

 

 

Оцени ја веста

02.01.2015 - 15:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега