Италијанската крајбрежна стража ја презеде контролата врз бродот со имигранти
Припадници на италијанската крајбрежна стража презедоа контролата врз напуштениот трговски брод „Езаден“ на кој се наоѓаат околу 450 имигранти, соопшти денеска командантот на единицата Филипо Марини.
Припадници на спасувачките екипи се искачија на бродот и по поправката го насочија кон италијанското пристаниште Кротоне.
„Езаден“, кој плови под знамето на Сиера Леоне, се расипа на отворено море по силна бура. На половина век стариот брод прво му откажа моторот, а потоа и кормилото.
Инцидентот се случи во близина на брегот на југоисточна Италија, по што целиот екипаж го напуштил бродот, оставајќи го да плови без контрола носен од брановите и морската струја.
Еден друг трговски брод евакуираше околу илјада имигранти од „Езаден“, кога минатата недела беше откриено дека на него нема ниту еден член од неговиот екипаж. Подоцна, напуштениот расипан брод беше влечен од еден исландски трговски брод.
Меѓу имигрантите, за кои се претпоставува дека во најголем број се Сиријци, има бремени жени и многу мали деца.
Бродот, кој е долг 73 метри, испловил од Турција кон Западот. Тој е регистриран од една либанска компанија, но бил користен за илегално префрлање на имигранти.
Алармот околу овој брод го покрена еден од имигрантите,кој преку бродското радио им се јавил на италијанските власти, барајќи помош.
- Пловиме без екипаж и без кормило кон брегот на Италија, им порачал имигрантот на луѓето од италијанската крајбрежна стража.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа