Ракометарите ја победија Швајцарија
Ракометната репрезентација на Македонија со победата над Швајцарија остварена на гостински терен остана со шанси за обезбедување учество на Европското првенство во Данска. Македонските ракометари во квалификациски натпревар во Цирих ги победија Швајцарците со 27:22.
Постојаното водство од 1-2 гола во текот на целото прво полувреме остана и на паузата кога се замина со предност од 12:11 за избраниците на селекторот Ивица Обрван. Честите технички грешки во нападот беа причина Македонија да нема повисока предност по првите 30 минути.
Поефикасно во нападот и со иста цврста одбрана македонските ракометари го започнаа вториот дел и веќе по две минути за првпат имаа три разлика, а минута подоцна со шестиот гол на Наумче Мојсоски нашата репрезентација имаше и плус четири (15:11), позитива која се повтори и во 39. минута кога беше 18:14.
Последните 20 минути Македонија рутински ги одигра и не му дозволи на противникот да ја доведе во прашање значајната победа.
Најефикасен во македонскиот тим беше Наумче Мојсоски 9 голови.
Атмосферата на трибините во салата во Цирих беше одлична, а преку 1.000 Македонци во текот на сите 60 минути даваа голема поддршка на нашите ракометари.
Останува да се надеваме дека светскиот првак Шпанија вечерва ќе ја победи Португалија и ќе овозможи македонските и португалските репрезентативци во директен дуел в недела во Скопје да одлучат кој ќе биде вториот патник (покрај Шпанија) од оваа група на еврошампионатот.