Здравствен дом Скопје во 2014 со успешно реализирани проекти

 

Тренд на зголемен обем на работа односно повеќе услуги, успешна имплементација на електронскиот систем на закажување прегледи „МојТермин“, реализација на проект за преземање доктори специјалисти од приватна во јавна здравствена установа и отворање нови кабинети во поликлиниките кои се најмногу оддалечени од централното подрачје - Драчево, Ѓорче Петров и Ченто.

Ова се дел од активностите на Здравствен дом Скопје - Скопје во 2014 година кои денеска на прес-конференција во поликлиниката Букурешт ги презентираше директорката на таа јавна здравствена установа, Татјана Баевска Вучковиќ. Таа посочи дека 58 објекти функционираат во рамки на ЈЗУ Здравствениот дом Скопје - Скопје распространети на територија на град Скопје и околината. По барање на граѓаните од изминатата недела во поликлиниката Букурешт е ставен во употреба нов лифт.

Појасни дека националниот проект за закажување прегледи „МојТермин“ дал посебно значење на важноста и значењето на секундарната специјалистичка служба за град Скопје на ниво на поликлиники. 

- Со имплементација на „МојТермин“ се постигна ефект на намалување на редиците на чекање во здравствените установи, во голема размена на податоци од матичниот лекар кон специјалистот и обратно, формирање детален распоред за прием на пациенти кај сите доктори специјалисти и се избегнува секојдневно неинформираноста на пациентите која во минатото ја имавме за потребниот преглед кај одреден специјалист, рече Баевска Вучковиќ.

Од кога официјално почна „МојТермин“ на 1 септември 2013 година, заклучно со овој месец,  нагласи таа, службите од специјалистичката здравствена дејност во Здравствен дом Скопје вкупно имаат реализирано 388.996 упати од матичен лекар и при тоа во оваа бројка се вклопуваат сите пациенти кои биле упатени од примарно на секундарно ниво во Здравствен дом Скопје кои се комплетно обработени.

- Само 40.860 се препратени на повисоко терциерно ниво на здравствена заштита. Значи 90 проценти се дадени услуги од страна на службите на Здравствен дом Скопје, а само 10 отсто се упатени на повисоко терциерно ниво на здравствена заштита. Бенефитот од имплементација на електронскиот систем на закажување прегледи „МојТермин“ е двоен како за давателот на услугата, така и за корисниците на здравствените услуги, истакна Баевска Вучковиќ.

Потенцира дека во текот на 2013 година и на 2014 година се спроведува проектот за преземање доктори специјалисти од приватна во јавна здравствена установа.

- Дваесет и девет доктори специјалисти ги презедовме во текот на три огласи, со што се доби зајакнување на кадровските ресурси и се овозможи да се покрие втора смена во сите кабинети на специјалистичко ниво и да имаме можност за отворање нови кабинети. На тој начин успеваме да ги доближиме здравствените услуги кон местото на живеење, рече Баевска Вучковиќ.

Посебен акцент во однос на менаџирањето на кабинетите и отворање нови кабинети, појасни таа, дадовме на поликлиниките кои се најмногу оддалечени од централното подрачје односно да доближиме специјалистички услуги кон местото на живеење. Тоа се поликлиниките Драчево, Ѓорче Петров и Ченто каде се отворени најголем број од кабинетите.

Укажа дека од 1 ноември 2013 година менаџерскиот тим направил реорганизација на службата за Итна медицинска помош во однос на работното време.

- Се воведе тросменско работно време, а од 1 септември стартуваше и имплементација на Правилникот за организација на служба за ИМП. Имаме зголемен број извршени услуги, интервенции, преноси и обезбедување. Значи овозможуваме рамномерно работно време кое даде поголем број услуги, се намали бројот на прекувремени часови работење, заштедата е на високо ниво, 55 проценти сме заштедиле. Тоа се средства кои ќе бидат наменети за унапредување на службите на ИМП и потрошувачката на гориво е намалена, а покрај тоа што имаме поголем број услуги, рече Баевска Вучковиќ.

Додаде дека секој кој е дел од Здравствен дом Скопје поеднакво има удел и учество во давањето на услугите, во постигнувањата на тие резултати, тимската работа на менаџерскиот тим, а со единствена цел доближување на квалитетни здравствени услуги до граѓаните на Скопје и околината.

Економскиот директор на Здравствен дом Скопје, Бесим Кока рече дека во 2011 година имаат фактурирано 272.472.000 денари, во 2012 година - 284.144.681 денар, во 2013 година - 301.724.000 денари, а во 2014 година 310.542.897 денари. 

Баевска-Вучковиќ за 2015 година најави ставање во функција на апарат за компјутерска томографија во поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, нови услуги во однос на неинвазивна дијагностика и нови терапевтски третмани во делот на физикална терапија и дематологија.

МИА

 

 

Оцени ја веста

30.12.2014 - 15:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега