Средба Попоски - Нимиц: Грција не блокира

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски денеска во Њујорк се сретна со посредникот во грчко-македонскиот спор Метју Нимиц.

- По согледувањата и разговорите кои денеска ги имав потврден е нашиот впечаток дека во наметнатиот спор со името имаме една релативно јасна ситуација на една страна која во континуитет ги почитува преземените обврски, се залага за надминување на спорот и сака да се придвижи тој процес во духот на она што би сакале да го видиме како европска заедничка перспектива на сите земји од нашиот регион и друга страна која во континуитет ги прекршува преземените обврски, не дејствува во правец на негово надминување и едноставно чека да помине времето за следниот европски Совет со определен комфор да го одбегне носењето на формална одлука за почеток на преговорите со Европската унија за Република Македонија. Тоа е реалноста и мислам дека го одразува заложувањето и почитувањето на преземените обврски од двете страни во овој спор, изјави за МИА министерот Попоски по средбата со Нимиц.

Шефот на македонската дипломатија синоќа во Њујорк разговараше за прашањето за името и со генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун.

По средбата Попосоки изјави дека во разговорите го подвлекол непринципиелниот услов кој пред 20 години и е поставен на Македонија при приемот во Светската организација поради наметнатиот спор за името со Грција, како и незаинтересираноста на грчката страна за негово надминување.

- Дваесет години како Република Македонија е членка на ОН и 20 години како ни е поставен еден непринципиелен услов од страна на нашиот јужен сосед - наметнатиот спор со името. Она што е значајно е дека го нагласивме фактот дека Република Македонија во овие 20 години целосно ги исполнува своите обврски и се уште сме соочени со ситуација во која првата страна во наметниот спор не покажува, нема никакви знаци за било каква заинтересираност, а воедно ги прекршува своите обврски да не го блокира патот на нашите европски и евроатлански интеграции. Тоа е она што го поделивме со најповиканите, со оние кои го следат овој процес во ОН. Мислам дека е значајно и тоа што најважнта институција од аспект на примена на меѓународното право, Меѓународниот суд на правдата се има изјаснето во корист на Република Македонија, односно проценката дека ова е нелегално блокирање кое ни е наметнато, истакна Попоски.

Министерот за надворешни работи на завчера во Њујорк учествуваше на заедничкото одбележување по повод дваесет години од приемот во Обединетите нации на Република Македонија, Чешката Република, Словачка, Андора и Монако

најчитано сега