Македонските ракометари вечерва во дуел против Израел
Ракометната репрезентација на Македонија по неколку дневните подготовки попладнево ќе го одигра и првиот контролен дуел против селекцијата на Израел.
Натпреварот се игра во СЦ „Јане Сандански“ (почеток 17:45 часот), а за селекторот Ивица Обрван ова е можност да ја провери формата на репрезентативците.
- На дуелите со Израел сите играчи ќе имаат одредена минутажа. Овој противник е вистинскиот за овој дел од подготовките. Секако ова ќе биде проверка за тоа што не очекува најпрвин на турнирот во Франција и потоа на Светското првенство во Катар, изјави Обрван.
Покрај денешниот натпревар Македонија и Израел и утре од 18 часот ќе одиграат уште еден натпревар, но од затворен тип што е вообичаено бидејќи репрезентациите треба да ги проверат и резервните варјанти.
Покрај овие два дуела, Македонија на 9 и на 10.јануари ќе настапи на турнир во Нант, Франција. Првиот ден нашата репрезентација ќе игра против Алжир, а потоа во зависност од исходите на дуелите следен ривал ќе биде една од селекциите на Франција (домаќин) и Аргентина.
Денешниот дуел со Израел е со хуманитарен карактер и приходот од влезниците ќе биде наменет за децата од СОС Детското село.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа