“McDonald's" комплетно исчезна од Македонија

Денеска се симнати сите ознаки на брендот McDonalds од рестораните во Македонија. Носителот на франшизата, компанијата „СЈ“ најави дека сите вработени ќе останат згрижени, а проблемот со раскинувањето на договорот очекува да биде надминат за три до четири месеци.

- Се обидуваме низ институциите на системот да ги разрешиме проблемите. Разрешувајќи ги проблемите, не би сакал вработените да страдаат заради одлуката на некој поединец. Верувам дека за кратко време ова ќе се разреши и ќе се продолжи со работа, изјави мнозинскиот акционер на компанијата „СЈ“ и сопственик на франшизата, Светозар Јаневски.

Јаневски информира дека договорот е еднострано прекинат, а според него, причините се ирелевантни.  

- Ние се уште имаме договор и тој трае 20 години. Бараме почитување на законите и правата. Се обидуваме во системот тоа да го докажеме, рече Јаневски.

Седумте ресторани McDonalds беа затворени на 14 мај по прекинувањето на 15-годишниот договор за франшиза.

Компанијата „СЈ“ ја има франшизата на McDonalds од 1997 година кога беше отворен првиот ресторан. Со отворањето на рестораните се обезбеди вработување на повеќе од 200 лица. Од компанијата набрзо по затворањето информираше дека McDonalds франшизата во Македонија, инвестирала шест милиони евра во воспоставувањето на брендот и развојот на бизнисот, со цел задоволување на потребите на потрошувачите.