Ристовски: Успешно заврши екстерното тестирање

 

Целта на екстерното тестирање е постигната. Процентот на отстапки од планираното е релативно мал, што ни дава за право да го оквалификуваме процесот како успешен. Очекувам дека од следната учебна година овој процес ќе стане рутински во сите училишта и за сите засегнати страни, оценува министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Ристовски на денешната прес-конференција, придружуван од заменикот, државниот секретар и од директорите на органите на МОН, им се заблагодари на сите учесници во спроведувањето на екстерното тестирање, кое според него е реформа што ќе го зголеми квалитетот на образованието во Македонија.

- Секоја реформа која засега поголема популација наидува на различни реакции. Но, јавно ги уверувам сите оние кои од самиот почеток го поддржуваа екстерното оценување, како и оние коишто ја оспоруваат неговата имплементација, валидност и значење, дека секој проект што го спроведува Владата е за добробит на сите граѓани. Ефектите од некои од нив се видливи на краток рок, но некои ефекти се видливи подолгоорочно. Таков е и исходот од екстерното оценување за  кое сум цврсто убеден дека ќе биде стожер и основа за создавањето на европски образовен систем во Република Македонија, истакна Ристовски.

Ристовски потенцираше дека во моментов е најважно што масовниот процес бил успешно спроведен, а дека во иднина се веројатни промени во системот за да се поправат недостатоците пријавени од училиштата.

Оваа година од 27. мај до 8. јуни за прв пат се спроведе Тестирањето на 193.176 ученици, со кое се оценува колку наставниците се објективни во вреднувањето на нивните знаења.

Првите резултати на 14. јуни ќе ги добијат одмоодделенците, бидејќи на 24. јуни ги очекува првото пријавување во јунскиот испитен рок за запишување во средните училишта.

Останатите ученици резултатите ќе ги добијат од 17-ти до 21 јуни. Тогаш ќе биде и втората сесија од екстерното тестирање за околу 15.000 ученици кои од оправдани причини не беа тестирани во првата сесија. Мал процент ученици или одделенија ќе бидат тестирани вторпат поради неправилности кои биле утврдени од просветните инспектори, кои во текот на процесот извршиле 320 надзори на училиштата.  

Екстерното тестирање го полагаа ученици од четврто одделение до трета година средно. Тестот траеше 60 минути и содржеше 30 прашања на мајчин јазик на ученикот. Оценките што ќе ги добијат од тестирањето ќе бидат впишани во свидетелство и ќе влијааат на вкупниот успех.

Ранг-листата на наставниците според отстапките што ги имале во оценувањето ќе биде готова по неколку месеци зашто, како што рече министерот Ристовски, таа ќе се прави според разновидни параметри и ќе се анализира заедно со СОНК. 

ФОТО: Vlada.mk

најчитано сега