Вељаноски: Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ
Процесот на нашето евроинтегрирање мора да се придвижи напред, да се направи неопходниот исчекор и конечно да почнат преговорите за членство, рече претседателот на Собранието Трајко Вељаноски во денешното обраќање на Конференцијата на претседатели на парламенти од земјите на Европската унија што се одржува во Никозија, Кипар.
Сработеното на евроинтеграцискиот пат, нагласи, треба да се почитува и валоризира. Особено треба да се почитува Парламентот и да се вреднува сето она што досега го има дадено како свој придонес.
- Во Република Македонија, граѓаните континуирано даваат огромна поддршка кон нашето интегрирање во ЕУ. Тоа го покажуваат сите истражувања на јавното мислење од осамостојувањето на државата до денес. Сепак, постојаното одложување на почетокот на преговорите може да ја ослабне поддршката, посочи претседателот на Собранието.
Според Вељаноски, во транзициските и постранзициските општества како што е македонското, на парламентите им е потребна поголема поддршка од јавноста и медиумите, како и поголем респект од страна на другите политички субјекти за да ја достигнат својата клучна улога во демократскиот живот.
- Кога, пак, државата е во процес на пошироко интегрирање, поддршката на парламентите треба да е недвосмислена и однадвор од меѓународните субјекти, рече Вељаноски.
Граѓаните, додаде, имаат широк увид и во работењето и активностите на Мешовитиот парламентарен комитет - Република Македонија и Европска унија, парламентарно тело надлежно за директна комуникација со Европскиот парламент, основано согласно Спогодбата за стабилизација и асоцијација на Република Македонија со Европската унија.
Вељаноски денеска имаше и кратки билатерални средби со неколку од своите колеги, претседатели на парламенти на државите членки на Европската унија.