И Прилеп ќе блесне за најлудата ноќ во годината

Прилеп ги завршува подготовките за пречекот на Новата Година на градскиот плоштад „Методија Андонов Ченто“. Според градоначалникот Марјан Ристески, 2014 е во знак на милениумскиот роденден на Прилеп и затоа за новогодишната ноќ се ангажирани уметници од градот. За граѓаните ќе има изненадувања и наградни игри, а и милениумска роденденска торта.

- Прилепските слаткари подготвија голема роденденска торта за Прилеп со логото „1000 години Прилеп“, а за сите присутни на плоштадот ќе биде послужена на 31 декември напладне. А ноќта ќе има и голем огномет, рече Ристески на денешната прес-конференција.

За наградната игра на Нова година ќе се делат талони по симболични десет денари, а за добитниците ќе има вредни награди. Парите се за хумани цели и ќе бидат наменети за доизградба на црквата „Света Петка“ во населбата Точила.

Како што информира Снежана Ристеска, советник за култура во локалната самоуправа, според искуството, се очекува голем број прилепчани заедно на плоштадот да ја пречекаат Новата година.

- 2014 година изминува во знакот на илјадагодишнината од постоењето на Прилеп што се одбележа со низа манифестации: научни трибини, концерти, милениумска вечер и она што треба да се истакне е дека активно се вклучија сите граѓани, научници, уметници, музичари, стопанственици. Сето тоа ќе кулминира со новогодишната прослава, изјави Ристеска.

Програмата започнува на 31 декември со програмата за најмладите од 11:00 до 13:30 часот.

- Во овој период ќе настапат Хигх Старт, Христијан Тодороски – Кико и Ален Хасановиќ. Се разбира присутен ќе биде и Дедо Мраз, рече Ристеска.

На новогодишната ноќ програмата ќе почне во 21 часот, а ќе настапат Денис Димоски, Давид Нешкоски Трио, Тhе hounds, Македонски синови, Бен Хур, Крос роуд блуз бенд, Блага Pетреска, Стефан и Лидер бенд и Милена Јованоска.

На пречекот на новата година ќе биде промовирана и химната на градот.

- За Прилеп се сними и песна во аранжман на Кристијан Габроски, а ја исполнуваат прилепски естрадни уметници, вели Ристеска.

 

 

Оцени ја веста

25.12.2014 - 14:51
Фото: 
билд.мк

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега