Реконструиран споменикот на културата Турбето на Крал Кзи

Споменикот на културата Турбето на Крал Кзи (Мавзолеј на кралската ќерка) лоциран во општина Гази Баба во близина на Природно-математичкиот факултет, е конзервиран и реконструиран со средства на Министерството за култура на Република Македонија (20.000 евра)  и Федералното Министерство за култура и спорт на Босна и Херцеговина (10.000 евра).

Се претпоставува дека Турбето е од крајот на 15. век или почетокот на 16. век и е гробница на последната босанска принцеза Катерина Томашевиќ, ќерка на босанскиот крал, која живеела во Македонија.

Споменикот денеска го посетија министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и нејзиниот гостин, министерот за култура и спорт на Босна и Херцеговина, Салмир Каплан. 

- Ова е еден исклучително значаен проект од областа на културното наследство, кој се реализираше во соработка и со Министерството за култура на БиХ и нашата надлежна институција Националниот конзерватски центар. Се вршеа археолошки истражувања и се што е сочувано и автентично е вградено. Споменикот на културата се наоѓа на фреквентно место и има добро партерно уредување. Се работеше интензивно, истакна Канческа-Милевска.

Министерот Каплан рече дека станува збор за проект за кој разговарале со Канческа-Милевска уште во 2011 година и во изминатите три години тој е реализиран.

- Постои добра соработка меѓу БиХ и Македонија на полето на културата. Двете држави и на останатите полиња имаат солидна соработка. Се заблагодарувам за поддршката и помошта која Македонија ја даде кога беа поплавите во мај во БиХ. Народот на БиХ и властите многу ги почитуваат напорите кои пријателскиот народ на Македонија ги вложи да помогне на загрозениот народ на БиХ, посочи Каплан.

Босанскиот амбасадор Здравко Беговиќ истакна дека многу долго време работеле на проектот и се заблагодари на Владата на Република Македонија и на Министерството, кои не само финансиски, туку и логистички и стручно помогнале проектот да се реализира. Посочи дека ќе биде потребно да се завршат и дополнителни работи околу хортикулурното уредување.

Директорката на НУ Конзерваторски центар Скопје, Ема Петрова рече дека повеле грижа изминатите три години значајниот споменик на културата да биде реконструиран и да се врати во неговата автентична состојба.

- При реконструкцијата беа употребени сите автентични материјали најдени при археолошките истражувања извршени во текот 2010 година. Сите елементи што беа откриени и урнати за време на земјотресот, сите остатоци кои можеа да се употребат, се употребија при реконструкцијата, додаде Петрова.

Министерката Канческа-Милевска рече дека претходно на средба во Министерството, со Каплан разговарале за соработката во областа на културата. 

Посочи дека Република Македонија со Босна и Херцеговина има добри пријателски врски и соработка и оти во изминатиот период се реализирале многу значајни проекти во областа на културата. Во континуитет како Министерство, истакна Канческа-Милевска, на годишно ниво поддржуваме голем број наши институции и уметници кои се претставуваат на значајни манифестации во БиХ.

- На отворањето на Скопско лето беа присутни врвни уметници од БиХ. Театарот за деца и младинци во Бања Лука освои голем број награди во рамки на Фестивалот, како и Театарот Комедија оваа година во Мостар. Во делот на универзитетските библиотеки има добра соработка. Над илјада книги се донирани во библиотеката во БиХ. Отворивме многу иницијативи за соработка, додаде Канческа-Милевска. 

МИА

 

 

Оцени ја веста

25.12.2014 - 13:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега