Јанкулоска со нови измени: Со 100 негативни поени отиде дозволата
На отворена седница Владата го прифати Предлог-законот за безбедност во сообраќајот. Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска рече дека се прават напори за една посериозна реформа во делот на сообраќајот. Голем дел од законот е усогласен со европски директиви, коишто постојано се менуваат.
„Законот беше на јавна дебата односно ставен на ЕНЕР од 2 октомври па се до пред два дена. Прифативме дел од сугестиите што пристигаа до нас формално или неформално. Еве на пример велосипедистите излегоа со некои предлози кои им беа прифатени“, рече Јанкулоска.
Во однос на правилата за безбедност во сообраќајот, Јанкулоска рече дека се одело на допрецизирање и одредено зголемување на казните, како и скалесто поставување на казните. „Кај употребата на мобилни телефони, ја оставивме онаа можност да се користат средства кои нема да му пречат на возачот како што се хендсфри, безжични телефони и друго, но на пример предвидовме глоба и за лицата кои се превезуваат со возачот, а му го одземаат вниманието. Посебно кај помладата популација често се случува ова“, рече министерката.
Во делот на брзина освен она стандардно ограничување на брзината, предвидено е брзината во населено место да изнесува 50 место како досега 60, а по исклучок 170 километри на час. „Брзината е најчестиот причинител за сообраќајни несреќи. Една анализа ни покажа дека дел од реакциите на граѓаните можеби се исправни“, рече Јанкулоска.
Дел од забелешките на граѓаните се однесувале на тоа што глобата е иста и за пречекорување на брзината од 5 километри на час и за 100 километри на час.
„Тука направивме градација. Сега една е казната за тие што поминале до 50 километри над дозволеното, друга за тие до 70, тука е скалеста казната и освен паричната казна оставаме можност за негативни поени. Со 100 негативни поени се одзема возачката дозвола. Кога се движи возачот со брзина поголема од 50 километри на час од предвидената, тогаш возачот добива 65 негативни поени и му остануваат уште многу малку поени“, рече министерката.
Информираше дека предвидено е разграничување на брзината за оние коишто професионално вршат превоз на патници. Јанкулоска посочи дека не е иста одговорноста на оние коишто превезуваат во автобус деца и некој кој сам лично се превезува со сопственото возило. Доуредени се членовите кои се однесуваа на застанување како на пример на плоштад, на пешачка зона и тн. по барање на општините.
За велосипедистите во законот е предвидено задолжително бело светло за велосипедот, ката диоптери со црвена боја, рефлектирачка лента, кацигите се препорачуваат, но нема да бидат задолжителни. Исто така е овозможено да се дорегулира транспортот на пари кога се врши од приватното обезбедување.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа