Велешани ќе уживаат во првата претстава во новата зграда на Велешкиот театар

 

Првата премиера во новата зграда на Театарот во Велес ќе се одржи вечер, а ќе биде изведена комедијата „Најважната работа на светот“ по текст на Братислав Димитров, а во режија на Љубиша Георгиевски. 

Во претставата, која ќе биде изведена и во следните два дена, ќе настапат Васил Зафирчев, Зоран Љутков, целата актерска екипа на Велешкиот театар, како и гостите актери: Ирена Ристиќ и Благој Чоревски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Мери Георгиевска, а музиката е на Гаврило Миловановиќ.

Историјатот на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ заокружува период од 66 години театарска дејност во Велес, чии први нишки беа повлечени уште во 1874 година, кога била одиграна првата театарска претстава со која актерите, локалните учители и ентузијасти го промовирале Велес како културен центар.

Новиот театар во Велес значи продолжување на успешната театарска традиција на овој град и подигнување на стандардите на театарската дејност, но овојпат во еден репрезентативен театарски објект со простор кој ги задоволува светските стандарди, но и сценски простори со современи технолошки системи во кои ќе се негуваат уметноста и културата и ќе се реализираат содржини од сценско-уметнички дејности со високи технички перформанси.

Новиот театарски објект е изграден на површина од 3.543 м2 и располага со голема сала со капацитет од 370 посетители, како и мала сцена со можност да прими од 50 до 110 посетители. Основниот сценски простор од големата сцена е од модуларен тип со три оркестарски и осум сценски платформи кои овозможуваат лесна, брза, безбедна трансформација и конфигурација на основниот сценски простор.

Технолошки гледано објектот располага со опрема и уреди, аудио и видео системи од врвни светски производители, со можност за презентација на театарски дела со ефект и квалитет како во најсовремените театри во Европа и светот, со што ќе биде овозможено во Велес да гостуваат сценски дела од било која светска продукција.

 

 

Оцени ја веста

20.12.2014 - 10:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега