Невреме во Македонија: Најмногу дожд во Скопје - утре уште повеќе врнежи
Во северозападните и југозападните делови од државата попладнево имаше локално невреме со интензивен обилен дожд, силни електрични празнења, засилен ветер и појава на град со големина од 1,5 сантиметри.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека до 14 часот најмногу дожд наврнало во Скопје-16 литри на метри квадратни и Прилеп - 14 литри на метри квадратни, а на другите места врнежите биле помалку од 10 литри на метри квадратни. Најјаки конвективни облаци се регистрирани во Скопската котлина, Полошкиот регион и во општина Росоман.
- Нестабилноста се уште трае и до крајот на денот ќе се задржи променливо и нестабилно облачно со локален пороен дожд, електрични празнења, засилен ветер, локално во форма на невреме со појава на град, особено централните и источните делови на земјава каде локално се очекува да наврнат повеќе од 30литри на метар квадратен воден талог, велат од УХРМ.
Засега хидролошката состојба во државата е стабилна, меѓутоа можна е појава на излевање на мали реки во регионите каде ќе бидат забележани пообилни интензивни врнежи од дожд. Вообичаено најранливи сливни подрачја се оние во источните делови од земјата.
УХРМ апелира во случај на појава на електрични празнења поголема внимателност и да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.