Млада Македонка е најдобриот пијано солист во светот
Марија Николовска, студентка по пијано на втора година од вокално - инструменталниот оддел на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје, во класата на доц. д-р Кристина Светиева, освои Прва Награда во категоријата за солисти, на „Кјушу Интернационалниот Музички Натпревар за музика од Ј.С. Бах“.
Натпреварот се одржа на 6-ти и 7-ми декември во градот Куруме – Фукуока, Јапонија.
Натпреварувањето се одвиваше во две етапи со исклучително голем број на учесници од Јапонија и Ј. Кореа. Во групата од 30 натпреварувачи, Марија Николовска беше единствен претставник од Европа. Во финалната етапа таа се претстави со Токатата бр. 5 во e-moll од Ј.С. Бах со која го воодушеви деветчленото жири, составено од еминентни професори од Јапонија, Ј. Кореа и Бугарија меѓу кои и проф. Ју Јанг Мок - декан на Музичката Академија при Универзитетот од Сувон во Ј. Кореа.
Настапот на Николовска беше издвоен како најдобар во категоријата за солисти, со посебна пофалба од професорите Томока и Мамору Каишиге за нејзиниот богат тонски колорит при изведбата на Баховата Токата.
Ова високо меѓународно признание за нашата претставничка претставува голем поттик за нејзината понатамошна уметничка едукација, а Факултетот за Музичка Уметност од Скопје се здоби со значајна афирмација на Азискиот Континент.
Учеството на ова натпреварување беше овозможено благодарение на Министерството за Култура на Р.М. кое во целост го поддржа овој проект.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа