Честитка од претседателот Иванов по повод еврејскиот празник Ханука
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов по повод еврејскиот празник Ханука, упати честитка до Берта Романо Николиќ, претседател на Еврејската заедница на Република Македонија, како и до сите припадници на еврејската заедница во Република Македонија.
- Со особено задоволство, од името на граѓаните на Република Македонија како и од свое име, Вам и на сите припадници на Еврејската заедница во Република Македонија Ви упатувам искрени честитки по повод големиот еврејски празник на светлината - Ханука. Секој народ има своја историја и свои херои, победи и загуби, но она што нè сплотува е човечноста и хуманоста, желбата да се помогне и да се биде дел од заедништвото, се наведува во честитката.
Во неа се додава дека палењето на свеќите на Ханука ја слави победата над темнината, симболиката на победата на доброто над злото е и денешна водилка во совладувањето на предизвиците.
Претседателот во честитката наведува дека овој празник нè потсетува дека треба да ги негуваме семејните и традиционалните вредности за да создадеме подобра иднина и изразува уверување дека Еврејската заедница, која е почитувана и ценета во Република Македонија, ќе продолжи да дава значаен придонес кон нашата заедничка иднина.
Честитајќи го празникот кој ги слави слободата и светлината, на сите припадници на Еврејската заедница во земјава им посакува мир и благосостојба со желба празникот да го поминат во семејно опкружување со веселба и смеа.
Честитката ја завршува со поздравот Хаг Ханука Самеах.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа