Со најголем сет мерки ќе се унапредува образовниот систем во Македонија

Анализирајќи ги актуелните состојби во сите сегменти и нивоа од системот на образование во нашата земја, Владата на Република Македонија на предлог на Министерството за образование и наука, иницира и пристапува кон круцијални и суштински промени во насока на постигнување на една од најприоритетните цели во Програмата за работа, а тоа е создавањето на општество базирано на квалитетно знаење. Знаење кое ќе биде основен стожер во понатамошното трасирање на севкупниот општествено и економско - социјален развој  на земјата.

На денешната прес конференција, министерот за образование Абдулаким Адеми и неговиот заменик Спиро Ристовски информираа дека во текот на вчерашниот ден Владата усвои пакет од вкупно 5 нови развојни предлог законски решенија, односно нови закони или измени на постојните, кои генерално се конципирани врз основа на позитивните практики и искуства во далеку поразвиените земји и репери на глобалниот образовен простор.

-Секако, се работи за предлози кои ќе бидат предмет на јавна дебата и дискусија при што сериозно внимание ќе биде посветено на сите конструктивни и издржани забелешки и сугестии. Истите, во текот на утрешниот ден ќе бидат објавени на интернет страницата на Министерството за образование и наука и сите заинтересирани субјекти можат да ги погледнат, добро да ги анализираат, да се подготват и да се пријават за активно учество во некоја од дебатите во следните неколку денови. Како ресорно министерство, должни сме пред целата македонска јавност, транспарентно и отворено да ги образложиме предложените генерални и сегментални измени со кои настапуваме на јавната дебата, а единствено во насока на унапредување на севкупниот квалитет на високото образование. Најпрво, во насока на подобрување на стручната компетентност и подготвеност на наставничкиот кадар во основните и средните училишта,  предлагаме нов Закон за Академија за наставници. Истиот предвидува основање на една посебна јавна установа – Академија за наставници, која по принципот на работење на Академија на судии и јавни обвинители, ќе работи на стручно усовршување на студентите произлезени од наставничките факултети, рече Адеми.

Нејзин главен фокус ќе биде зајакнување на педагошко-психолошко и методскиот аспект на професијата наставник. Секој студент произлезен од наставничките студии, заради стекнување на статусот на кандидат за обука во Академијата, ќе полага приемен испит, по што ќе следува соодветна обука.

-Кај учесниците со завршени студии на наставнички факултет, програмата за обука трае вкупно осум месеци и тоа три месеци теоретска настава чија цел е да се развијат пошироки знаења од областа на педагошките науки, како и современите методи на работа и пет месеци практична обука, со цел да ги оспособи идните наставници да ја планираат и реализираат воспитно образовната работа во училиштата. Додека, кај учесниците со завршени студии на ненаставна насока на наставнички студии, односно на студии кои немаат наставна насока, програмата за обука трае вкупно 12 месеци и тоа четири месеци теоретска настава и осум месеци практична обука.

Програмата за обука ја подготвува и спроведува посебен стручен орган на Академијата, Програмски совет во кој меѓу другите ќе членуваат и наставници од првите 50 највисоко рангирани универзитети во светот согласно Шангајската листа. Предавачи на Академијата ќе бидат врвни странски и домашни професори од соодветната област. Со завршување на обуката и положување на завршниот испит во  Академијата, секој кандидат се стекнува со лиценца, која пак, му обезбедува вработување во училиште, додаде министерот. 

Дополнително, за секој кандидат за обука, се обезбедува месечна стипендија во висина од 100% од износот на просечната месечна нето плата во земјата.

Предлог законот ќе се однесува за студентите кои допрва ќе се запишуваат на педагошките факултети. Но, истиот предвидува и стимулативна компонента за наставниците кои се веќе во работен однос и не се лиценцирани. Доколку се пријават во Академијата за наставници, се обучат и лиценцираат, месечната плата ќе им биде зголемена за 3.000 денари.

Академијата ќе има обврска да води регистар на лиценцирани наставници.

Паралелно, како второ решение во насока на унапредување на квалитетот на наставниот кадар и издигнување на дигнитетот на професијата наставник предлагаме и нов Закон за наставници во основните и средните училишта, кој пак предвидува детална спецификација на условите за вршење на професијата наставник, на условите за засновање на работниот однос, дефинирање на категориите на наставници и нивните работни задачи, како и нивно континуирано стручно усовршување и кариерен напредок.

-Со овој закон наставниците во училиштата ќе можат да напредуваат во звања. Се прецизираат категориите наставник ментор и наставник советник. Работни должности на наставник ментор, покрај редовните, ќе бидат и менторирање на студенти од факултетите за наставници и Академијата за наставници; менторирање на колеги што имаат поддржан професионален развој; користејќи иновативни приоди да и им помага на колегите во спроведување на акциски истражувања; да учествува во изготвување на развојни политики на училиштето и така натаму. Додека наставникот советник дополнително ќе врши менторирање на студенти од факултетите за наставници и Академијата за наставници; менторирање на колеги што имаат поддржан професионален развој; ќе води колаборативни тимови за учење; ќе изготвува наставни материјали за учење; ќе креира, аплицира и спроведува иновативни проекти во училиштето и ќе учествува во изготвување на развојни политики на училиштето. Точно е уредено какви услови треба да исполнува еден наставник за да влезе во една од овие две категории. Исполнетоста на професионалните стандарди за овие звања, ја проверува комисија формирана од министерот во која членуваат претставници од синдикатот, од соодветните наставнички факултети, од просветниот инспекторат, бирото за развој на образованието и така натаму. Секој наставник кој ќе напредува во повисоко звање, ќе добие и повисока плата како еден вид стимулација за стручната надградба, образложи Адеми.

Третиот предлог закон се однесува на изменување и дополнување на Законот за високото образование, кој превидува четири суштински новини. Првата, се однесува на редефинирање на Болоњскиот систем.

Втората новина се однесува на воведување на задолжителен усмен испит, покрај писмениот, заради унапредување на комуникациските вештини и начинот на изразување на студентот.

-Третата новина, којашто веќе е и актуелна во јавноста се однесува на воведувањето државен испит, како механизам за верификација на академското знаење и за проверка на ефектот од она што како држава сме го вложиле во идната академска заедница. Како Влада цврсто сме убедени дека државниот испит ќе придонесе за унапредување на квалитетот на високо образовниот систем. Тоа е единствената причина за негово воведување. Сите останати тези, од типот дека со државниот испит се нарушува автономијата на универзитетите, државата сака да ги контролира професорите, да им наштети на студентите, да заработи на нивна сметка и слично, се само мит фабрикуван од одредени политички структури.Четвртата новина е воведување на приемени испит за студентите странски државјани, поделен на стручен дел и тест за проверка на јазичните вештини. Целта е поголема валоризација на дипломата стекната во нашата земја и селекција на студенти кои навистина сакаат да стекнат доволно квалитетно знаење, наведе Адеми.

Во однос на останатите предлог законски решенија  информираше заменик министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

Тој информира за два дополнителни, значајни аспекти предвидени во предлог Законот за измена на Законот за високото образование.

-Првиот аспект се однесува на докторските студии, односно предвидено е студиски програми од трет циклус на студии да можат да организираат само универзитетите кои се меѓу првите пет рангирани универзитети и високообразовни установи во состав на универзитетите (факултети и уметнички академии), запишани во регистарот на високообразовни установи во државата, утврдени во последното рангирање согласно член 77-а од Законот за високото образование. Во случај кога универзитетот, односно високообразовната установи ќе го изгуби статусот на еден од првите пет рангирани високообразовни установи во државата во следното рангирање, нема да може да запише нови кандидати во трет циклус докторски студии.И вториот аспект се однесува на можноста ректор, односно декан на високо образовна установа во земјата, да биде и странски државјанин. Следното, практично четврто предлог законско решение кое беше разгледано на вчерашната владина седница како дел од пакетот мерки за унапредување на квалитетот на севкупниот образовен систем во земјата е нов Закон за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишно, основно и средно образование. Ова законско решение се однесува на правилното насочување и изградба на идните студенти кои ќе се одлучат за една од најблагородните професии – наставничката. Законот предвидува зајакнување на критериумите и процедурите за упис на студиските програми за образование и стекнување квалификации за вршење на професијата наставник во предучилишно, основно и средно образование. Целта е преку детална филтрација да се избира единствено најквалитетниот наставен кадар кој ќе ја едуцира идната движечка сила на земјата, рече Ристовски.

Најпрво, се предвидува воведување на построги критериуми за упис на педагошките факултети и наставните насоки, со цел селектирање на најдобрите студенти во оваа област. На овие факултети преку полагање на приемен испит ќе може да се запише студент кој има минимум просечен успех од 4.00 во средното образование.

Предвидено е и полагање на посебен приемен испит за педагошките факултети за наставниците од одделенска настава, кој содржи математика, мајчин јазик, односно говорни и писмени вештини, англиски јазик, природни науки, информатички вештини, физичко кондициона подготвеност, музика и разговор со кандидатот. Додека за наставниците кои ќе предаваат во предметната настава, испитот ќе содржи математика, мајчин јазик, односно говорни и писмени вештини, англиски јазик, информатички вештини, два предмети кои се однесуваат на предметот за кој се стекнува со квалификација за наставник и разговор со кандидатот.

 

-Предлог законот превидува и стимулирање на студентите за упис на педагошките факултети и наставните насоки, преку воведување на стипендии за најдобрите студенти, кои ќе остваруваат просечен успех од најмалку 8,00 секоја студиска година и ќе имаат положени најмалку 80% од испитите во претходните студиски години. Висината на стипендијата ќе изнесува најмалку 50% од просечната нето плата во Република Македонија. Суштинско е и воведувањето на целосно нова унифицирана студиска програма која ќе мора да ја применуваат сите педагошки факултети во состав на државните универзитети и која ќе ги следи современите текови и трендови во основното и средното образование. Наставната програма ќе биде изготвена од претставници (професори и декани) од педагошките факултети и други стрчњаци од областите поврзани со образованието и воспитувањето. Студиската програма ќе содржи организирана академска обука, со основни напредни и стручни курсеви од научната област на педагогијата, психологијата и методиката на настава и од научното поле на образованието, предавање и друг вид на комуникациски активности, практична настава во траење од најмалку 60 дена годишно во првите 2 години и 40 дена годишно во крајните 2 години.

Додека, дипломската работа ќе содржи изработка и јавна одбрана на дипломски труд од научното поле на методика на наставата и писмен и усмен испит од наставните содржини, додаде Ристовски.

Студентите кои се веќе запишани на педагошките факултети и на наставните насоки на останатите факултети, продолжуваат да се образоваат по програмата по која веќе започнале да студираат.

Дополнително, се зајакнуваат и критериумите околу тоа кој може да предава на овие факултети, односно, покрај критериумите за избор во звање, неопходно е и познавање на англиски јазик Б2 ниво, докажана и плодна научно истражувачка дејност во научното поле за кое се избира во звање о објавени најмалку 4 труда во меѓународни научни списанија, во последните 3 години и 1 труд во списание со импакт фактор, односно 2 труда во последните 5 години. Предност ќе биде, доколку лицето има пост докторски престој на првите 500 највисоко рангирани универзитети.

За постојните наставници ќе има дополнителен период од 3 години за да ги исполнат овие услови, со исклучок на редовните професори избрани по втор пат и професори кои се 10 години пред пензионирање. 

Цениме дека на овој начин, со овие предложени одредби квалитетот на наставниот кадар, на среден рок во многу ќе се подобри.

И петтиот е предлог Закон за обука и испит на директор за основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење. Единствената негова цел е да обезбеди услови за квалитетна обука и полагање на испит за директор, транспарентност во полагањето на испитот и селекција на квалитетен менаџерски кадар кој задолжително континуирано ќе се надградува.

-Во оваа прилика би сакал да апелирам и до сите политички партии, наместо да посегнуваат по основците, средношколците, студентите, наставниците и професорите, со цел да ги манипулираат заради собирање на политички поени, да понудат свои предлози и сугестии, со што би дале придонес во имплементацијата на овој досега најкрупен пакет на суштински реформи во насока на унапредување на квалитетот на образовниот систем во земјата, додаде заменик министерот.

Заинтересираните и засегнати страни ќе можат да се разгледаат и да се пријават за дебата, за потоа заедно да дојдеме до конечната нивна формулација.

 

 

Оцени ја веста

14.12.2014 - 14:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега