Иванов: Успеавме да го трансформираме сфаќањето за спортот кај најмладите

Успеавме да го трансформираме сфаќањето за спортот кај најмладите. Но успеавме да ги трансформираме и самите спортски терени. Од место на нетрпеливост, насилство и навреди, спортските терени ги претворивме во простор за почитување, прифаќање и градење пријателства меѓу најмладите што ги надминуваат сите разлики.

Oва денеска го истакна претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов на завршната манифестација на проектот „Традиционални спортски игри (Спортски бон тон)“, која се одржа во СЦ „Борис Трајковски“, пренесува МИА.

Тој посочи дека проектот се одвивал во неколку македонски општини кои безрезервно се вклучиле во активностите и со сиот свој капацитет придонеле за успешна реализација. 

На спортските терени, нагласи Иванов, децата спортуваа со другарчиња кои доаѓаат од различни средини, зборуваат на различни јазици и одат во различни храмови, но, сите овие разлики стануваат неважни кога ќе се споредат со она што им е заедничко.

- Сите тие се деца кои му се радуваат на животот, кои се љубопитни и сакаат да знаат, деца кои имаат нескротлива желба за другарување и споделување. Како претседател, но пред сè како родител и како професор, сметам дека нема поважно од тоа. Благодарение на спортот децата разбраа што е потребно за вистински да ги запознаат своите врсници, рече Иванов.

Денес сме тука како победнички тим, потенцира Иванов и додаде дека во тимот биле децата и родителите, наставниците и спортистите од повеќе општини во Република Македонија.

- Заедно трениравме, заедно се натпреварувавме, заедно стигнавме до целта и го победивме противникот. Нашиот противник многу добро го знаеме. Тој е нетрпелив кон играчите и навивачите од спротивниот тим, непристојно навива и безобsирно ги етикeтира различните, не се воздржува ниту од физичка пресметка за време на спортските натпревари. Воден од желбата за победа, по секоја цена, го оправдува и го охрабрува користењето на недозволени допинг средства. Нему профитот му е поважен од натпреварот, па ги мести спортските резултати, рече Иванов.

Гордо, истакна претседателот, се нарекува спортист или спортски фан, но всушност нема ништо заедничко со спортот, тој е нашиот противник, но пред сè противник на спортот.

- Против таков противник излеговме со она што најдобро го знаеме: спортскиот бонтон и фер играта, соработката и заедништвото, тимската игра и витештвото, промовирањето на позитивниот спортски дух и почитувањето на различноста. Две години по ред се натпреварувавме и победивме. Нашиот победнички тим не запира овде. И натаму продолжуваме да се натпреваруваме во вистински спортски дух. Да ја промовираме суштината на спортот, зближување, поврзување, интегрирање, истакна Иванов.

Појасни дека значењето на овој проект не е само во вклученоста на децата, туку и на  возрасните  пред сè, наставниците.

- Особено сум благодарен на нивното учество и придонес. Ги охрабрувам спортските работници, учителите, наставниците и родителите да продолжат да ги учат децата на добро спортско однесување. Од сите нас зависи дали спортот ќе ја задржи својата суштина и дали ќе продолжи да се промовира како алатка за градење на заедништво и пријателство меѓу луѓето. Не се сомневам во позитивниот исход, додаде претседателот Иванов.

 

 

Оцени ја веста

14.12.2014 - 14:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега