Посилна грижа и помош за децата со Даунов синдром од следниот месец

Од почетокот на 2015 година почнува реализација на пилот-проект за промоција на физичка активност и развивање на спортски вештини по пливање кај деца со Даунов синдром.

Овој проект е дел од Програмата за јавно здравје на Министерството за здравство за 2015 година и овие активности ќе бидат бесплатни за децата.

Министерот за здравство, Никола Тодоров истакна дека целта на овој пилот-проект е подобрување на нивната психофизичка состојба, како и унапредување на севкупниот развоен потенцијал на овие деца.

Светските искуства покажуваат дека стимулацијата и редовната физичка активност е најдобар третман за деца со Даунов синдром.

-Активностите ќе се реализираат преку Заводот за физикална медицина и рехабилитација – Скопје, со организирање часови по пливање за деца со Даунов синдром.Часовите за обука за пливање ќе се одржуваат 4 пати неделно, по еден час, а едукацијата ќе ја спроведуваат врвни спортски тренери и асистенти со завршен Факултет по физичка култура, под водство на проф. д-р Наташа Мешковска, а во соработка со Центарот за Даунов синдром. Децата што ќе ги посетуваат часовите за обука за пливање, пред почнување со часовите ќе треба да направат соодветен здравствен преглед, рече Тодоров.

Инаку, физичката активност, игрите и рекреацијата се методи кои на децата им помагаат да го развијат тонусот на мускулатурата и да ја развијат моториката. Воедно, со активноста како што е пливањето се поттикнува и тимска работа, се развива дисциплината и се зголемува социјализацијата на децата.

-Пливањето како активност за децата со Даунов синдром е веќе докажана практика во многу земји и за таа цел постои и Меѓународна пливачка организација за лицата со Даунов синдром, која овозможува тие да се натпреваруваат во пливање во различни категории на меѓународно ниво. Неколку деца од Македонија веќе имаат учествувано на вакви меѓународни натпревари, каде што освоиле признанија.

Треба да се има во предвид дека Дауновиот синдром не е болест, туку хромозомска состојба која е предизвикана од присуство на еден хромозом повеќе. Светската статистика покажува дека на секои 600-1000 породувања, се раѓа дете со Даунов синдром, а во овие граници се движат случаите и во Република Македонија.

Според статистиката на Институтот за јавно здравје, во Македонија годишно се регистрираат околу 12-17 случаи на деца со Даунов синдром до едногодишна возраст (кои се испитани и потврдени на Клиниката за детски болести). Според податоци на Заводот за ментално здравје, во периодот од 1987 – 2014 година регистрирани се вкупно 305 лица со Даунов синдром до 18-годишна возраст, објасни министерот.

Тој истакна дека веќе се во завршна фаза подготвителните активности за овој проект. Во Заводот за физикална медицина и рехабилитација комплетно е обновен базенот во изминативе неколку месеци.

 

 

Оцени ја веста

14.12.2014 - 13:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега