Венизелос побара поддршка од германскиот вицеканцелар Габриел

 

 

Грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос во четвртокот во Берлин се сретна со германскиот министер за економија Зигмар Габриел, од кого побара поддршка за одржување на кревката економска ситуација во Грција во претстојниот предизборен период.

Фокусот на средбата во Берлин била политичката и финансиската состојба во Грција по најавата за предвремени претседателски и се поизвесните предвремени парламентарни избори. Според штурото соопштение пренесено преку социјалните мрежи, на средбата се разговарало и за таканареченото германско - грчко партнерство кое започна во 2011 година.

Посетата на Венизелос за време на која тој се сретна со министерот за финансии Волфганг Шојбле, сојузниот вицеканцелар Сигмар Габриел и шефот на дипломатијата Штајнмаер се случува само два дена откако Шојбле на состанок со европските колеги во Брисел најави дека би можело да дојде до одлагање на новата транша од европската помош за Грција во вредност од 1,8 милијарди евра. Венизелос и Габриел се и заменик-премиери во своите влади и лидери на социјал-демократските партии на Грција и Германија, па така Венизелос побара поддршка од Габриел и во неговото својство како лидер на германската Социјал-демократска партија, да придонесе во германскиот Парламент да се одобри продолжување на кредитната линија која Грција ја добива од Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд.

Иако, во најавата на средбата на интернет страната на германското Министерство за надворешни работи беше наведено дека покрај за германско - грчките односи ќе се разговара и за други актуелни меѓународни прашања вчера немаше детали дали меѓу тие прашања се наоѓа и темата Македонија.

На почетокот на ноември на конференција на Аспен институтот во Берлин, германскиот министер Франк Валтер Штајнмаер изјави дека Германија не може да и нареди на Грција да го промени својот став за приемот на Македонија во Европската унија, и дека не треба да се очекува брза промена на ситуацијата во однос на спорот за името. 

 

 

Оцени ја веста

12.12.2014 - 09:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега