Подгответе се за снежни лудории - македонските скијачки центри очекуваат добра сезона

Домашните скијачки центи на големо се подготвуваат за претстојната скијачка сезона. На Маврово годинава се очекуваат повеќе туристи во однос на лани, пишува Лидер.

Врвот на сезоната започнува на 25 декември и трае до 31 јануари. Во зависност од снежните врнежи, сезоната на зимски спортови може да трае и до средината на април. Огњан Циговски,генералниот менаџер на хотелите Бистра, Лоџ и Спорт, за Лидер вели дека скијачкиот центар е подготвен да ги пречека туристите, а од годинава има и неколку новитети.

-Подготвено е се. Техничките прегледи за исправност на жичарите и ски лифтовите се завршени, се е исправно. Новитет во картите е што сега има и претпладневна карта до 13 00 часот која е 650 денари, покрај полудневната што беше порано. Имаме уште еден новитет – сите гости што ќе спијат во Лоџ, Спорт и Бистра повеќе од четири дена за децата е обезбедена групна бесплата школа за скијање со бесплатна опрема за скијање. Значи секое дете од 4 до 11 години кое ќе биде сместено во нашите хотели ќе може да посетува бесплатна групна школа за скијање со бесплатна ски опрема . Тоа е нешто ново. Календарот на настани е направен, скоро секој викенд во јануари и февруари има некои активности. Позитивно е тоа што има групна бесплата школа за скијање, идејата е што повеќе деца да научиме да скијаат и заради тоа ја правиме оваа промоција, вели Огњан Циговски.

Оваа сезона се очекуваат повеќе туристи од лани

-Имаме голем одзив на гости од Турција. 20 групи веќе имаат направено резервација.Цените, на пример во Бистра за седум дена спиење со доручек е 250 евра по човек, во Лоџ е 200 евра, а во Спорт е 220 евра, за децата е бесплатно. Според резервациите очекуваме повеќе туристи во однос на лани“ вели Циговски.

Фрирајд на Кожуф

Минатата сезона беше неуспешна за скијачкиот центар Кожуф. Годината од центарот оптимистички најавуваат дека ќе имаат пакет аранжмани за туристите. Менаџетот на ски центарот Кожуф, Ангел Наков вели дека се подготвуваат за новата сезона.

-Со новите партнери договоривме стратегија за оваа зимска сезона , како фри рајд центар. Тоа се пакет аранжмани, со трансфер на гостите , сместување и целодневно фри рајд скијање. Сега тој пакет го пуштивме како понуда. Имаме оператори од Холандија, Финска Шведска, словенија и оваа година ќе биде промотивен пакет кој што треба да го зафатиме тој дел кој е многу атрактивен. Во изминатите две години, поради инфраструктурата не успеавме да обезбедиме пристапни патишта, се надеваме дека оваа година ќе обезбедиме пак што треба. Сега пред десетина дена од Македонија пат почнаа да го чистат и се надеваме дека се ќе биде ок. Бројот на легла е мал, само 120- 130. Тоа е основна причина што се одлучивме на фри рајд, оти се работи со помали групи на луѓе , не може да одговориме на потребите на пазарот“ вели Анѓел Наков, менаџер на скијачки центар Кожуф.

Ски центар Кожуф наскоро ќе добие нов газда

Сега сме во завршна фаза со странска компанија, преговорите се при крај, очкуваме два до три месеци да се заврши оваа операција. Тоа значи дека наскоро ќе имаме нови играчи во оваа област“ вели Наков

Попова Шапка- зимскиот центар е целосно подготвен за новата сезона

Хотелиерите од Попова Шапка се веќе подготвени. Заради обезбедување услови за долга скијачка сезона, планирана е изградба на отворен резервоар со капацитет од 30 илјади кубни метри вода и систем со топови за изработка на вештачки снег.

-Како што се приближува скијачката сеозна бројот на туристи е се поголем и поголем . Пред Нова година, односно последната недела од овој мецес очекуваме најмногу туристи, а после се знае додека трае скијачката сезона, велат хотелиерите.

Една од новините, која беше најавувена е изградбата и на така наречен „Снежен парк“, како атракција за бордерите и скијачите на Попова Шапка.

Пониква – мал, но добро опремен центар

Ски-центарот Пониква е мал, но добро опремен центар, кој располага со три ски-лифта, од кои два се во активна функција: Патеката 1 е наменета за почетници и за деца и е во групата на кратко лесни патеки. Должината на патеката е 300 метри и целата патека е осветлена со рефлектори, секогаш подготвена за ноќно скијање. Капацитетот на лифтот е 500 скијачи на час.

Патека 2 не е оперативна.Патека 3 е наменета за понапредни скијачи и се вбројува во групата на средно тешки патеки. Таа е долга 700 метри, а првите 200 метри се со поголем наклон. Целата патека е опремена со рефлектори за ноќно скијање и со топови за вештачки снег. Во овој скијачки центар има неколку мотели.

Туристи чека и Крушево

Крушево нуди прекрасни услови за скиење од декември до почетокот на март. Скијачките терени се наоѓаат непосредно до самиот град на надморска височина од 1400 метри. Погодни се за скијачи професионалци како и за скијачи почетници. Градот е поврзан со ски центарот и скијачките терени преку жичницата. Скијачките терени се наоѓаат на месноста Станич.

Ски центарот Станич, располага три патеки, два ски лифтови и една двосед жичница која носи од градот низ букова шума директно на терените. Патеките имаат нивоа лесна 350м, средна 400м и патека со напредно ниво во должина од 700м под двосед жичницата. Лифтовите се тип сидро 700 скијачи/час, единечен со капацитет од околу 600 скијачи/час и дополнително мал детски ски лифт 300 скијачи/час. На ски патеките има и елементи за сноуборд парк. Инсталирано е и осветлување за ноќно скијање под синиот лифт и стазата под жичницата.

Во непосредна близина на самиот центар на терените, постои угостителски објект, ресторан кој нуди најразлични видови храна и пијалоци. Центарот располага со ски депо за изнајмување на скии како и ски школа.

 

 

Оцени ја веста

11.12.2014 - 09:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега