Професорите едногласни- државниот испит е во интерес на студентите

Државниот испит ќе го подобри квалитетот на високото образование, сметаат професори и декани од универзитетите низ Македонија. Тие го поддржуваат најавениот концепт на испитот и сметаат дека тоа е во интерес на студентите.

За предлог-концептот државен испит како што рече деканот на Филозофски факултет, Горан Ајдински треба да има јавна расправа и сите да седнат на заедничка маса. Тоа, како што псоочи тој, било идеја на сите нив и на Владата, и според него треба што поскоро да се случи.

 

- Нашиот заеднички став, на моите колеги, професори, студенти, лица на раководни функции, е дека треба да има дебата на оваа тема. На дебатата треба да учествуваме сите, студентите, претставниците на студентските парламенти, студентскиот пленум, предлагачите на законот... Да седнеме сите на заедничка маса, заедно со студентскиот правобранител, да разговараме и да најдеме заедничко решение. Треба да се расчистат овие работи. Може тоа да се направи на дебата, на научни собири, конференции, каде ќе присуствуваат сите засегнати страни, истакна Ајдински.

Додека оваа дебата не се случи, вели деканот, нема потреба од протести пред таа расправа.

Професор Марина Здравеска Кочовска од Медицинскиот факултет вели дека сржавниот испит што веќе се полага на медицинскиот факултет е добар начин да се обноват знаењата на студентите.

- Државниот испит на медицинскиот факултет којшто се спроведува после завршувањето на студиите всушност е во склопот на лиценцирањето на докторите и тоа не е никаква новина, тоа се спроведува во многу земји од светот и изгледа различно од земја до земја, меѓутоа е неопходно за  докторот кога ќе го заврши факултетот да добие лиценца за работа. Значи тој можел да го заврши факултетот меѓутоа е потребно да се види дали ги усвоил оние основни правила на однесување, правната регулатива, етичките принципи, и меѓудругото и оние основни познавања од медицината. Ние имавме неколку ревизии на овој државен испит, на почетокот тој беше многу теоретски, сега во последните години лекарската комора направи една ревизија за да се обрне повеќе внимание на практичното покажување на вештините на оној којшто го полага државниот испит и не претставува некаква новина, ниту пак претставува некакво тешко оптеретување затоа што ние докторите имаме многу долги студирања и многу долги евалуирања на нашите познавања, затоа што и после лекарите можат да работат под супервизија, така да тоа е вообичаена пракса, ништо ново и уште еден начин малку да се обноват знаењата и да се види што се научило, изјави Кочовска.

Според професор  д-р. Јован Пејковски од Филозфскиот факултет државниот испит треба да се сфати како една позитивна реформа која ќе донесе поголем квалитет во високото образование во државата.

- Мислам дека сето тоа што се случува треба да се сфати како една реформа, реформите се одвиваат, тие почнуваат уште од оснвањето на самиот универзитет уште од кога се основат се одвиваат разни реформи. Тие се всушност барање на нешто подобро и поквалитетно и јас го доживувам како процес кој треба да доведе до промени, а какви ќе бидат промените и во која насока, треба да се почека да се видат случувањата и треба да се појави конкретен предлог за да мжеме да зборуваме што и како би се случувало. Во секој случај промените се одвиваат и тие се постајни и не би требало да се сфатат како нешто што ја запира динамиката, туку напротив промените треба да донесат подобрување. Сите тие процеси на промени што се случуваат е всушност барање на нешто што ќе го подобри квалитетот, гледаме дека стопанството и економијата бараат кадри кошто веднаш би се вклучиле во работни односи, значи животот бара поинакви форми на образование, посовремени бидејќи гледаме процесите во науката, технологијата се` се одвива со една драматична динамика и затоа промените треба да се сфатат во барање на решенија што ќе донесат квалитет. Секој од тие облици на промени, да се потсетиме, воведувањето на одредени форми на тестирање, понатаму учење и студирање на далечина – се промени коишто влијаеа на подобрувања и на давање на поголеми можности, рече д-р. Пејковски.

 

 

Оцени ја веста

09.12.2014 - 18:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа