Говорот на младите оратори за прв пат ќе се пренесува во живо
Финалето на традиционалните ораторски вечери „Иво Пухан“ ќе се одржи вечер на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, а настапот на младите говорници годинава по првпат ќе се пренесува во живо.
Преку новата интернет-страница klubnaoratori.mk, јавноста ќе може да ги проследи случувањата од свечениот Амфитеатар. Настанот и лајв-стримингот ќе почнат во 18 часот.
- На Ораторските вечери годинава ќе настапат 14 оратори, повеќето студенти од Правниот, но имаме гости и од Економскиот и од Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Кандидатите имаа можност да пишуваат говори по слободен избор, но и на зададени теми: „Правото како вештина на доброто и правилното“, „Медиумите и спинувањето“ и „Политичка култура“. Особено ни е мило што годинава новитет е нашата нова интернет-страница, klubnaoratori.mk, на која што целиот настан ќе може да се следи во живо, изјави Борјан Топуковски, претседател на „Клуб на оратори - Скопје“.
Натпреварите по јавно говорење, инспирирани од вештините во оваа област на професорот по римско право, д-р Иво Пухан, годинава ќе се одржат 18-ти пат. Покрај главните награди обезбедени од покровителот на манифестацијата, годинава ќе бидат доделени уште две признанија: наградата „Бранко Ѓорчев“ за најдобар ораторски настап, во чест на актерот кој долги години беше дел од тимот што работеше со говорниците, како и стипендија за учество на еден од најголемите европски ораторски форуми во Алпбах, Австрија.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа