ФОТО ГАЛЕРИЈА: Што е мрзнечки дожд и како настанува?

 

Деновиве по медиумите честопати гледавме слики од последното невреме кое зафати делови од Европа и буквално ги окова во мраз. За жал, повторно имаше малку забуна во користењето на и онака оскудната терминологија кога се во прашање метеоролошките поими. Оние фотографии од автомобили, дрвја, бандери итн. оковани во мраз се всушност последица на т.н. мрзнечки дожд (анг. freezing rain). Замрзнатиот дожд (анг. sleet) е сосема друга појава, иако процесот на формирање е сосема ист како кај мрзнечкиот дожд, само во прашање се мали, но битни разлики во температурата на атмосферата, пишува специјализираниот сајт за временска прогноза Метеопро.мк

dozd-1

КАКО ПОЧНУВА СЕ?

И двата типа на врнежи започнуваат како врнежи од снег од облаците кои се наоѓаат во слој на атмосферата каде температурата на воздухот е под 0°С. Доколку на својот пат кон тлото снегулката наиде на слој топол воздух, чија температура е над 0°С, таа ќе почне да се топи. Дебелината на овој топол слој потоа игра битна улога во понатамошната „судбина“ на оваа снегулка. Топењето на снегулката започнува од нејзината периферија, и доколку доволно долго таа паѓа низ топлиот слој (зависи од дебелината на слојот) таа ќе се стопи сосема и ќе премине во течна состојба во вид на капка вода. 

dozd-2

Доколку пак овој топол слој е релативно тенок, снегулката ќе го започне процесот на топење, но мал дел во центарот на капката останува во форма на мраз.

dozd-3

ПРЕЛАДЕНА ВОДА?

Сега за момент ќе направиме мала дигресија за да видиме што е тоа преладена вода. Имено она што сме го учеле дека водата мрзне на 0°С не е сосема точно. Доколку станува збор за чиста вода која нема „туѓи“ честички (јадра) во себе, таа останува во течна состојба и на температура до -20°С, бидејќи нема  јадра околу кои би започнал процесот на кристализација. Таквата вода која е течна и на температура под 0°С се нарекува преладена вода (анг. supercooled water).

dozd-4

МРЗНЕЧКИ ИЛИ ЗАМРЗНАТ ДОЖД?

Се навраќаме повторно на нашата капка... Таа сега повторно на својот пат кон тлото наидува на нов, плиток слој на воздух кој се наоѓа над тлото (приземен слој) и истиот тој слој има температура на воздухот под 0°С. Но, не само воздухот, туки и тлото и објектите и предметите на тло имаат температура под 0°С.

 dozd-5

Доколку нашата снегулка во топлиот слој сосема се истопила, таа во студениот слој повторно почнува да се лади, но не и да мрзне. Сега таа се наоѓа во преладена состојба и нечзината температура е под 0°С. Истата таа при удар на тло или на објектите и предметите инстантно замрзнува (контакто мрзнење) и формита ледена глазура. Таа појава се нарекува мрзнечки дожд

dozd-6

Ако во центарот на капката останеше она мало јадро на мраз при поминувањето во топлиот слој, таа при навлегувањето во студениот приземен слој поврорно ќе замрзнеше, пред да удри во тлото. Така, таа ќе удри на тлото во форма на замрзнат дожд.

dozd-7

Само да надополниме, доколку топлиот слој продолжеше се до тлото, нашата снегулка ќе останеше само како капка дожд...

dozd

Мрзнечкиот дожд е опасна појава. Силите кои се јавуваат во мразот при кристализација лесно можат да ги свиткаат високо-напонските метални бандери.Во продолжение погледнете ја галеријата во која втората фотографија е од замрзнат дожд, а потоа фотографии од мрзнечкиот дожд во Словенија. Последната фотографија е од големото невреме со мрзнечки дожд во деведесеттите години во Канада, кога Монтреал беше буквално закован во мраз.
 

 

Оцени ја веста

08.12.2014 - 22:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега