Попоски од Њујорк: Очекуваме да се почитуваат правата на Македонија
Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски синоќа во Њујорк учествуваше на заедничното одбележување на дваесет годишнината од приемот во Обединетите нации на Република Македонија, Чешката Република, Словачка, Андора и Монако. На приемот, инфоримираат од МНР, присуствувале и имале свое поздравно обраќање Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун, потпретседателот на Владата на Словачката Република и Министер за надворешни работи Мирослав Лајчак, МНР на Андора Жилбер Сабоја, МНР на Монако Хосе Бадија и заменикот МНР на Чешката Република Владимир Гаушка.
Во своето обраќање министерот Попоски истакнал дека приемот на Република Македонија во Обединетите нации е еден од позначајните датуми во поновата македонска историја со кој се потврди суверенитетот и државноста на Македонија, како и желбата на македонскиот народ изразена на референдум, за создавање на сопствената иднина. Истакнувајќи дека Македонија целосно ги почитува принципите од Повелбата на ОН, министерот Попоски подвлекол дека очекуваме ист таков однос кон почитувањето на нашите права како држава, во согласност со принципите на правдата и меѓународното право.
-Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун им честиташе на сите земји за постигнатиот јубилеј и го поздрави значајниот придонес на владите и народите на секоја од земјите. Тој притоа, посакувајќи уште многу успешни јубилеи, посака и понатамошен придонес во системот на Обединетите нации и мирот и безбедноста на глобално ниво. Говорејќи за Република Македонија, Генералниот секретар Бан истакна дека значајна е нејзината улога како фактор на стабилност во регионот, што беше евидентно и преку успешното неодамнешно претседавање на нашата земја со Процесот за соработка на Југо источна Европа, стои во соопштението од МНР.
ФОТО: vmro-dpmne.org.mk