ВИДЕО: Ќе те исечам на парчиња - како реагираа осудените во „Детонатор“ лани кога ја слушнаа пресудата доживотен затвор
Поради закани кон судијката за организиран криминал Весна Димишкова, дека ќе летне како гулаб и ќе биде исечкана на парчиња, по две години затвор добија двајца обвинети од акцијата Детонатор- Јорданчо Михајлов и Жан Железарски. Кривичниот суд ги огласи виновни за загрозување на сигурноста за што се предвидени казни од 3 месеци до 3 години затвор, пренесува Канал 5.
Делото е довршено со создавање на чувство на лична несигурност што оштетената во текот на постапката неколкупати го повтори а заканата е сериозна и кога нема однапред формирана намера да се реализира образложи судијката при објавување на пресудата доцна попладнево.
На лицата на обвинетите можеше да се забележи незадоволство, а адвокатите не сакаа да ја коментираат пресудата.
Судијката Димишкова како оштетена се соочи со обвинетите и беше децидна дека заканите искажани по изрекувањето на пресудите за детонатор од 13 ипол и 14 ипол години затвор влеале страв и несигурност кај неа и семејството.
- И вие ќе седнете на ова место, каде ќе ви оди душата, ова го судите по директива и вие имате семејство, ќе ви ставиме бомба и ќе летнете, по дваесет години кога ќе излезам од затвор, ќе ве исечам на парчиња од глава до доле - ова биле заканите што ги добила од обвинетите, раскажа во судница, пренесува Канал 5.
Нејзиното дете кое разбрало од медиумите не сакало да оди во училиште бидејќи другарчињата го прашувале дали мајка му ќе летне.
Кога го стартувала автомобилот си велела- фала боже не летнав.
А поради страв барала најразлични причини детето да не седне веднаш со неа во автомобил па така го праќала да фрли ѓубре или да внимава додека го вади автомобилот од гаража, сведочеше Димишкова која додаде дека и за време на судскиот процес имала притисоци од роднини и пријатели на обвинети во „Детонатор“.
Михајлов и Железарски рекоа дека не се чувствуваат виновни не и се заканувале на судијката и дека најверојатно станува збор за недоразбирање и објаснија и за време на целиот судски процес имале коректни односи со судијката.
Едниот потврди само дека бил изреволтиран по пресудата, па и се обратил на обвинителката иако сега смета дека и тоа не требало, а другиот објасни дека во тие моменти само се свртел кон семејството кое прво му паднало на памет откако ја чул пресудата.
Петмина судски полицајци кои на пресудата за Детонатор беа во судницата, сведочеа на денешното рочиште.
Димишкова рече дека иако се чувствува оштетено имотно правно побарување нема да предјави, бидејки ништо не може да го надомести немирот и неспокојството што го почувствувала.
Судењето започна и заврши денеска.
Погледнете го видеото од изрекувањето на пресудата во декември лани.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа