Еврокомесарот за соседство и преговори за проширување Јоханес Хан испрати уште еден повик до македонската опозиција да се врати во институциите на Република Македонија и најави посета на Скопје на почетокот на идниот месец. Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, ова го порача Хан по едночасовната средба со заменик-претседателот на македонската Влада задолжен за европски интеграции Фатмир Бесими, што се одржа денеска во Брисел, по која наследникот на Штефан Филе посочи дека Европската комисија бара начин за одблокирање на евроинтеграциите на Македонија и другите земји од регионот.
- Би сакал уште еднаш да ги повикам сите политички партии да имаат политичка дебата во парламентот, а не надвор од парламентот. Особено би сакал да ја видам опозицијата да се врати во Собранието и секогаш кога ќе можам ќе го кажувам ова и во тој поглед, моја намера е да остварам брза посета на Република Македонија во јануари следната година. Да имам прв состанок со водечките личности на различните политички партии со цел да се направи понатамошен прогрес и да се напредува, истакна Хан во изјава за МИА по средбата.
Според еврокомесарот за преговори за проширување, со Бесими имале извонредна и содржајна дискусија за иднината на Македонија и како и понатаму да соработуваат и да ги подобрат односите, и како што рече, да видат до каде се, пред се со него како нов во овој ресор.
Според македонскиот вицепремиер, она што било добро од неговиот денешен состанок со Хан е што заклучиле наскоро да имаат средба во Скопје и да разговараат со политичките лидери за понатамошниот процес на евроинтеграции на Македонија.
- Она што произлезе од овој состанок, исто така е и дека е исклучително важно за овој процес да биде инклузивен и политичкиот дијалог да покаже резултати, со тоа шо и опозицијата треба да биде во институциите, односно во Собрание. Целта е да има отворен политички дијалог и сите политички партии во Република Македонија да бидат вклучени во процесот на евроинтеграции на земјата, посочи Бесими.
Хан рече дека со Бесими дискутирале за некои макроекономски бројки, бидејќи тоа е нешто кон што, според него, Македонија ќе треба да се посвети во блиска иднина. Пред се во однос на годишниот буџетски дефицит и нивото на задолженост.
- Еден од моите клучни приоритети во иднина е да придонесам во промоцијата и развој на економијата во земјата, бидејќи се работи за граѓаните и нивните подобри услови за живот, што автоматски е поврзано со прашањето за владеење на правото, транспарентноста и борбата против корупцијата. Ако овие услови се исполнети, ќе можете да привлечете инвеститори, како од внатрешноста на земјата, така и од странство, додава Јоханес Хан.
Вицепремиерот задолжен за евроинтеграции на Република Македонија Фатмир Бесим, додаде дека пораките од денешниот состанок се дека Европската унија, преку Европската комисија, останува активно да работи во делот на проширувањето на Западен Балкан, вклучително и на Република Македонија.
Според Бесими, европската агенда и сите теми наведени во последниот прогрес-извшетај на Комисијата се приоритет и за Македонија и за Еврокомисијата. Тој посочи дека е важно да се работи и понатаму за изнаоѓање на брзо решение за отворените прашања на Макеоднија со соседите и меѓуетничките односи, а дека економски фокус на разговорот бил во однос на поддршка на економскиот развој и регионалната соработка.
На прашањето на дописникот на МИА да каже дали Брисел има идеја како да ги острани блокадите на македонските евроинтеграции, а по завчерашниот повик на европарламентарците ЕУ да не остава дупки на Балканот и во најбрзо време да ги прими сите останатие земји од регионот и дали како во случајот со иницијативата за Босна и Херцеговина, можно е Комисијата да најде алатка Македонија да почне со пристапните преговори, Јоханес Хан со одговор: - „Целосно ја делам загриженоста на членовите на Европарламентот дека треба да се посветиме на ова прашање. Но, за секоја земја од Западниот Балкан е потребно да најдеме адекватно решение. Ова е исто така нешто што започнавме да го дискутираме и во моментов не можам и нема да кажам ништо повеќе, но сакам да ве уверам дека разбирам и приоритет е да се одблокира ситуацијата во различните земји оти не е само вашата земја каде се соочуваме со некои проблеми“, одговори Хан.
Според наследникот на Филе, сепак, на Комисијата и е потребна едногласност во Советот на ЕУ кога станува збор за какава било одлука во однос на започнување на преговори, добивање на кандидатски статус или за отворање на преговарачки поглавја.
- Ова е нешто за што треба да ги убедиме сите наши земји-членки да бидат во согласност со нашето сфаќање. Како и да е, ние имаме силен интерес од поннатамошна интеграција, заврши Јоханес Хан.