Македонија и Виетнам ќе ја интензивираат политичката и економската соработка
Односите меѓу Република Македонија и Социјалистичка Република Виетнам се карактеризираат со пријателство, почитување, заемна доверба, но недостига конкретна содржина особено во сферата на економската соработка, за чиј развој двете земји во иднина треба да создадат преуслови, оценија денеска македонскиот претседател Ѓорге Иванов и потпретседателката на Виетнам Нгујен Ти Зоан.
- Имавме мошне конструктивни и корисни разговори. Се согласивме дека односите меѓу двете земји во изминатите 20 години иако со скромен политички дијалог, недоволна конкретна содржина во соработката, сепак, се карактеризираат со пријателство, меѓусебно почитување и доверба, рече македонскиот претседател.
Додаде дека покрај другото, потврда за пријателските односи е фактот што Виетнам го користи уставното име на Република Македонија и на билатерален и на меѓународен план.
Претседателот Иванов информира дека на денешната средба со Ти Зоан се договориле во наредниот период со заемен ангажман да се надомести пропуштеното, да се интензивираме политичкиот дијалог и да почне да се градиме правната рамка со што, како што истакна, на соработката меѓу двете земји ќе и се даде конкретна содржина.
- Денеска правиме значаен чекор во таа насока, со потпишувањето на Договорот за економска соработка меѓу владите на двете земји. Очекувам во наредниот период интензивирање на контактите и максимална посветеност на искористувањето на сите можности за зајакната економска соработка како прв приоритет во нашите односи. Со натамошното унапредување на договорната рамка ќе се отворат перспективи за соработка и во останатите сфери од взаемен интерес во образованието, културата, здравството.., истакна Иванов.
Ти Зоан се согласува со ставот на претседателот Иванов дека е потребен ангажман на двете земји за развој на односите во иднина.
- Претседателот Иванов и јас се согласивме дека двете земји треба да продолжат да одржуваат редовна размена и посети на сите нивоа, да работат на унапредување на соработката во областа на економијата, образованието, културата, туризмот, со цел ефикасно спроведување на потпишаните документи за соработка во областа на трговијата и инвестициите, рече Ти Зоан.
Додаде дека е потребно да се создадат подобри услови за бизнисмените и инвеститорите, за истражување на пазарот и особено областите кои, ксако што рече, на двете земји им се силни страни, како што се рударството, прехранбената индустрија, земјоделството, градежништво, транспорт, услуги.
И таа како и Иванов смета дека добирте, пријателски односи, исполнети со доверба и почит може да бидат основа за натамошена соработка.
- Со претседателот Иванов разменивме информации за состојбите во двете земји, ги оценивме билатералните односи во изминатиот период, разговаравме за меѓународните и регионални прашања кои се од заемен интерес. Веруваме дека во блиска иднина традиционално добрите пријателски односи меѓу Виетнам и Македонија позитивно ќе се развиваат во многу области и на сите нивоа. Разговаравме за конкретните мерки за зајакнување на билатералната соработка меѓу двете земји и мултилатералните односи во наредниот период, рече Ти Зоан
Со претседателот Иванов констатирале дека на мултилатерално ниво постои тесна комуникација меѓу двете земји и оти е постигната согласност за натамошно зајакнување на соработката во рамки на ООН, УНЕСКО и франкофонските организации.
Оваа е прва прва посета на висок виетнамски државен претставник на Македонија, а се случува во период кога двете земји одбележуваат 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи.
Виетнам е земја во развој со една од најбрзо растечките економии во светот со перспектива до 2020 да се стекне со статус на развиена држава. Благодарение на реформите направени во осумдесеттите години Виетнам од 1990 до 1997 година имаше стапка на раст од 8 проценти годишно, а од 2000 до 2007 успеа да расте со 7 проценти годишно. Во периодот од 2009 до 2011 успеа да оствари економски раст не помал од 7 проценти во просек.
Во 2013 Виетнам бележи зголемување на извозот на 128,9 милијарди долари, а увозот изнесувал 121,4 милијарди долари. Стапката на невработеност е 1,3 отсто, а стапката на инфлација 6,8 отсто. Фирми од Виетнам имаат инвестирано во над 60 земји во светот, а износот на инвестициите е над 15 милијарди американски долари.
МИА
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа