Македонски доктори на специјализација во Клинички центар-Тулуз
Министерот за здравство Никола Тодоров во рамки на работната посета на Франција, денеска оствари средба со директорката на Клиничкиот центар во Тулуз Бенедикт Моте, и со шефот на одделот за трансплантација, проф. Лионел Ростинг.
На средбата е договорено упатување на доктори од Република Македонија, од различни медицински области и специјалности, на обука и специјализација во Клиничкиот центар во Тулуз. За почеток, македонските доктори ќе престојуваат на едномесечна или двомесечна едукација во овој реномиран медицински центар.
Воедно, на средбата се разгледани можностите за ангажирање пензионирани професори од Франција од различни медицински области, да престојуваат во Република Македонија, со цел да го пренесат стекнатото знаење и искуство во насока на унапредување на методите во јавното здравство во РМ, воведување нови методи, како и целокупно унапредување на квалитетот на здравствени услуги.
Во Клиничкиот центар во Тулуз се третираат околу 200 илјади пациенти на годишно ниво, а во делот на медицинска нега, превенција, како и истражувачка дејност, ангажирани се околу 3.500 доктори и речиси 10 илјади лица од медицински персонал.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа