ФОТО: Македонката која патува со мотор околу светот доживеа тешка несреќа

Македонката Ивана Чолаковска помина цели три континента со мотор и во моментот се наоѓа во Чиле од каде требаше да започне со освојувањето на Американскиот континент. Но во моментот, поради сообраќајната несреќа што ја доживеа неодамна, таа не може да продолжи со патувањето, објави порталот stipka.com.mk. 

Ивана, која патува заедно со нејзиното момче од Шпанија, Ману Торес, доживеа сериозна сообраќајна несреќа и заврши со 9 штрафа во глуждот. Поради скршената нога во моментот не може да продолжи со патувањето, па престојуваат во едно мало гратче каде заедно со Ману се вистинска атракција. Нивното патување започна во февруари 2013 од Шпанија, Севиља и најпрво возеа до Македонија, од каде во септември продолжија да го освојуваат светот со нивниот мотор. По европскиот континент, следуваше Азија, каде патуваа по патишта кои се наоѓаат на планини кои се над 5000 метри надморска височина, потоа низ пустините во Казахстан, Индија, Индонезија, островот Џава, па се до земјата на кенгурите, Австралија. Откако го поминаа и овој континент, тие заминаа кон Јужна Америка, каде им се случи несреќата поради која ќе мораат некое време да останат во Чиле, додека не и заздрави ногата, па дури потоа да го продолжат патувањето. Инаку, тие патуваат со минимални средства и не спијат во хотели, ниту пак јадат во ресторани, туку досега имаат спиено во преку 150 фамилии, во полициски станици, пожарникарни станици, во будистички храмови и цркви. Тие на тој начин не само што заштетуваат средства, туку за нив тоа е и еден од најдобрите начини да дојдат поблиску до културата и традицијата на локалното население.

Ивана, последниот пат кога зборувавме, ти и Ману од Австралија тргнавте за Чиле каде требаше да почекате да ви стигне моторот, па да продолжите. Но од фотографиите кои што ги објавувате на вашата Фејсбук страна гледаме дека ногата ти е во гипс. Ќе ни кажеш ли што се случува?

Конечно моторот стигна во Јужна Америка и конечно се вративме на пат. Долго чекавме за да стигне од Австралија до Валпараисо. Но, оваа среќа да бидеме пак на пат траеше кратко, додека возевме на најтешкиот пат до сега, со лоши временски услови и лош пат, ни се случи мала несреќа која заврши со скршена нога. Си велев „Да не е скршена, да не е скршена! “ Но овој пат немав среќа, несреќата заврши со 9 штрафа на глуждот.

Дали болеше и што направивте откако се случи несреќата?

Беше најголемата болка што ја почувствував во мојот живот, се додека работниците кои поставуваа динамити на патот за да го прошират, не ме однесоа во малата амбуланта за да ми стават инекција за смирување на болките, се до тој момент не можев да размислувам за ситуацијата.

Дали мислеше дека тоа е крај на патувањето?

Во тој момент воопшто не размислував за патувањето, туку за тоа каде ќе најдеме болница за да ме примат. Во овој дел од Патагонија во Чиле, полесно е да најдеш гласијари или пингвини отколку болница, од една до друга болница е растојанието 1000 км, од каде што се случи несреќата ми фалеа 260 км на пат кој е во многу лоша состојба. Застанавме една кола која одеше во тој правец. Овие 260км беа многу долги, на секоја дупка отскокнуваше ногата и болките се зголемуваа и ми се чинеше дека на секоја дупка се докршуваше веќе скршената коска. На крај стигнавме вечерта во 12 на ургентниот центар во Којаиќе.

И што се случи кога конечно стигнавте во болницата?

Докторот кој беше на смена кој ја сними ногата и ја виде снимката ми рече: “девојче, патувањето заврши за тебе“. Солзите потекоа за помалку од една секунда откако ја слушнав оваа мисла. 50.000 км и 26 држави за помалку од две години за мене значеше половина од она што го имавме поставено за цел.

Повеќе прочитајте на stipka.com.mk

 

 

Оцени ја веста

27.11.2014 - 09:28

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега