Хрватска по стапките на Македонија, од 1 јануари стартува отписот на долгови

Хрватска и дефинитивно тргна по стапките на Македонија. Од 1 јануари почнува со реализација на проектот „Отпис на долгови“. Постигнат е договор со компаниите кои се јавуваат како доверители и кои конечно дале согласност и зелено светло за спроведување на проектот, преку кој на социјално – ранливите категории граѓани ќе им бидат простени долговите, пишува Лидер.

-Во овој момент, нашата проценка е дека со проектот за отпис на долгови ќе бидат опфатени околу 60 илјади луѓе. Засегнатите навреме ќе бидат известени за целата процедура и за потребните документи, вели хрватската министерка за труд, Миланка Опачиќ.

Со проектот ќе бидат опфатени оние социјално – загрозени луѓе чии сметки се блокирани подолго од една година, кои должат до максимални 25.000 куни (околу 201.000 денари), од кои долгот кон приватните компании, односно кон банките и мобилните оператори е до 10.000 куни (80.500 денари). Договор за учество во проектот е постигнат со комуналните и државните претпријатија, со банките, додека преговорите со мобилните оператори одат тешко, иако е извесно дека и тие ќе влезат во проектот.

-Разговорите беа навистина тешки, траеја многу долго, бидејќи ние сакавме да обезбедиме согласност од сите страни, рече хрватскиот министер за финансии, Борис Лаловац.

Во меѓувреме, владата во Загреб ги прецизира деталите и процедурата, го осмислува проектот со цел да нема злоупотреби. Токму затоа, отписот е ограничен до 1 октомври, за некому да не му падне напамет да престане да плаќа и да се обиде да го изигра проектот.

-Значи тука не се работи за луѓе кои не сакаат да ги вратат долговите, туку се работи за луѓе кои, поради сиромаштијата и тешката економска криза, не се во можност да ги вратат долговите, порачува Лаловац.

Со проектот ќе бидат опфатени корисниците на социјална помош и дел од пензионерите, односно онаа категорија повозрасни граѓани чии примања не надминуваат 2.500 куни (20.000 денари) за самци, односно 1.500 куни (12.000 денари) по член на домаќинство.

-Ќе им се простат долговите само на оние кои навистина не можат да ги вратат парите, значи на социјалните случаи, невработените, пензионерите со најниски примања. Ние имаме точни податоци, знаеме кој има друг имот, кој има по два или три автомобили, а должи пари. Тие нема да влезат во проектот за отпис на долгови и затоа велам, ќе им се помогне само на оние кои се навистина социјално загрозени, порачува министерката Опачиќ.

Во Македонија веќе се делат решенија за отпис!

Во Македонија за отпис на долгови се пријавија околу 42.000 граѓани. Властите веќе ги поделија и првите решенија со кои на оние, за кои Комисијата утврди дека ги исполнуваат условите, им се простија долговите.

-Се работи за едно ветување што им го дадовме на граѓаните пред изборите и денес тоа е реалност. Тоа покажува дека за Владата, дадениот збор претставува обврска. Многумина не веруваа, а некои политичари не напаѓаа дека ова го ветуваме само заради изборите, но сега се покажа кој е во право, порача вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Кои долгови се отпишуваат?

Проектот „Еднократен отпис на долгови“ во земјава стартуваше на 18 август. Се отпишуваат долгови за електрична енергија, парно, РДТ, минуси на кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки, обврски од потрошувачки кредити, настанати заклучно со 31 декември, ненаплатени подолго од една година и за кои е почната постапка за присилна наплата. Граѓаните кои ги исполнуваат условите се ослободуваат од главницата и каматата, но и од трошоците за нотари и извршители. Во проектот се вклучени банките, штедилници, ЕВН, ЕЛЕМ, МРТ, Топлификација, нотарите и извршителите.

За кого е наменет проектот?

Проектот „Еднократен отпис на долгови“ се спроведува со цел да им се помогне на најранливите категории граѓани: примателите на социјална и на постојана парична помош, невработените кои повеќе од една година активно бараат работа и лицата изложени на социјален ризик, поради смрт на брачен другар, инвалидност или потешка болест, настанати во последните пет години.

Според последните информации, проектот „Еднократен отпис на долгови“ во земјава тече без никакви проблеми. Комисијата си ја врши работата и ја проверува точноста на поднесената документација, со што продолжува и доделувањето на решенијата.

 

 

Оцени ја веста

27.11.2014 - 09:12

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега