Приближно 12,2 милиони Сиријци имаат потреба од хуманитарна помош
Заменик генералниот секретар на ОН за хуманитарни прашања, Валери Ејмс, изјави дека заради нараснатото насилство и влошувањето на ситуацијата во Сирија, околу 12,2 милиони лица во земјата имаат потреба од помош, во споредба со јули кога нивниот број изнесуваше 10,8 милиони, пренесоа американските медиуми.
Ејмс пред Советот за безбедност на ОН ја „исцрта“ мрачната слика за се потешката ситуација во Сирија, каде состојбата во економијата од 2011 година до сега се влошила за 40 проценти, три четвртини од наслението живеат во сиромаштија, посетата на училиштата е намалена за 50 проценти, 7,6 милиони Сиријци се раселени во земјата, а уште 3,2 милиони се избегани во други држави.
Ејмс пред СБ на ОН кажа дека, сепак, имаат влијание испораките на помош од Турција и Јордан за сириските региони контролирани од бунтовниците. Таа го повика Советот за безбедност на ОН да го продолжи одобрението за испораките на помош надвор од границата, што истекува на 9 јануари.
Изјавата на Ејмс беше дадена откако генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, пред Советот за безбедност го достави извештајот за примената на резолуцијата, донесена во јули, со која се одобрија испораките на хуманитарна помош, без одобрение од Владата, за Сиријците во регионите контролирани од бунтовниците.
Ејмс кажа дека откако била донесена резолуцијата, ОН доставиле хуманитарна помош во речиси сите тешко достапни места во четири сириски провинции - Халеб, Идлиб, Дараа и Кунејтра.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа