Отец Серафим: СПЦ ја легализираше педофилијата

Отец Серафим, или Бојан Јовановиќ е човекот кој пред три години за прв пат јавно проговори за педофилијата, криминалот, убиствата и политичко-тајкунски реалции на владиците во Српската Православна Црква. Владиката од “српскиот версај” како што го нарекуваат во Србија Василије Качавенда беше во центарот на сите скандали. По неколку години калкулации, Синодот на СПЦ го пензионираше Качавенда, но никогаш не влезе во целосно расчистување на случајот.

Јовановиќ во првото екслклузивно интервју за македонски медиум, за Прес24, отворено ја раскажува потресната приказната за времето додека бил во манастирите на СПЦ. 

Книгата која неодамна ја објави, вели не е за да ја шокира јавноста, туку да им помогне на српските институции, конечно да расчистат со криминално-педофилската структура во СПЦ.

- Има многу деца кои се злоставувани, а за тоа Црквата знае. Нив ги носат игумените на манастирите, свештениците, или подобро кажано одбраници. Нив свештениците во црквата ги нарекуваат “свештеници за младо месо”. Тоа се луѓе кои имаат дамка во кариерата, па Епископите со тоа ги уценуваат, вели за Прес24, Јовановиќ.

ПРЕС24: “Мафија во Црквата” е наслов на книгата која излезе со Ваш потпис. Не е ли насловот некако пресилен?

ЈОВАНОВИЌ: Секој кој ја има земено книгата в раце и кој само се запознал со содржината, разбрал дека насловот не е пресилен, туку дека е и преблаг.

ПРЕС24: Зошто Мафија? Што е тоа што во Црквата може да потсеќа на Мафија?

ЈОВАНОВИЌ:  Мафијата во светот има некои кодекси до кои се придржува, а одредени групации во СПЦ ги погазија сите кодекси и што е најстрашно ги погазија и кодексите, христијанските принципи и фактите, кон кои како свештени лица мораа да се придржуваат без исклучок. 

ПРЕС24: Ако е мафија, таа мора да има свој водач. Кој е тој?

ЈОВАНОВИЌ:  Внимавајте! За тоа што е опишано во книгата сите знаат. Не само што ја вртеа главата, туку и помогнаа педофилијата во СПЦ да се легализира. Рибата смрди од главата, не од опашката.

ПРЕС24: Таа книга всушност е една исповест за дел од Вашиот жиовот, во периодот додека сте биле во Црквата како свештеник. Кога на прв поглед некој ќе ја види книгата и кога ќе го прочита се она што го пишува во нејзе, тешко дека би можел да поверува дека сето тоа е вистина?

ЈОВАНОВИЌ:  Јас и на промоцијата на книгата во Белград реков дека таа книга не е напишана за да ја шокира јавноста, туку да му помогне на правосудството, полицијата и социјалните служби, да го решат ова и вакви работи да не се повторуваат во иднина. Голем проблем е што живееме во систем кој секојдневно ни ја шминка реалноста, па кога некој факт ќе излезе тој звучи невистинит.

Јас за свештеник на СПЦ сум ракоположен пред 15 години и оваа книга е само продолжеток на мојата свештеничка служба. Не е важно дали јас ја носам мантијата или не.

ПРЕС24: Македонската јавност нешто знае, но изворно нема некои прецизни информации за тоа што Вие го пишувате во книгата. Ајде малку да се вратиме во историјата. Кој всушност сте Вие?

ЈОВАНОВИЌ: Обичен човек од обично граѓанско семејство. Од мал сум одел во црква и мојата фамилија е голем дарител на Црквата. Пораснав во Белград, свирам гитара, по средното образование се запишав на Богословскиот факултет на СПЦ. Во трета година одлучив да се посветам на монашкиот живот, бидејќи пред тоа имав посетено многу манастири и мислев дека тоа е исправен пат да и послужам на Црквата, на својот народ и својата татковина.

Во мојот живот немам спектакуларни работи. 15 години посветив на борбата вистината да го најде својот пат, што го сметам за моја граѓанска и свештеничка должност.

ПРЕС24:  Кога за прв пат се соочивте со тоа што се случува во Манастирите?

ЈОВАНОВИЌ: Многу бргу, по неколку дневниот престој на владичкиот двор.

ПРЕС24: Дали претходно зневте за ваквите состојби во Црквата? Како реагиравте кога прв пат се соочивте со овие злодела што ги правел Епископот Василије Качавенда?

ЈОВАНОВИЌ: Некој тоа да ми го зборуваше, јас би помислил дека некој намерно плука по црквата.

ПРЕС24: Дали Вие лично сте биле сведок на злоставување на други монаси?

ЈОВАНОВИЌ:  За жал да. Има многу деца кои се злоставувани, а за тоа Црквата знае. Нив ги носат игумените на манастирите, свештениците, или подобро кажано одбраници. Нив свештениците во црквата ги нарекуваат “свештеници за младо месо”. Тоа се луѓе кои имаат дамка во кариерата, па Епископите со тоа ги уценуваат.

ПРЕС24:  Дали некогаш сте разговарале со Владиката Василије за тоа што се случува во неговите манастири? Како тој реагираше на тоа?

ЈОВАНОВИЌ:  Многу пати му велев дека тоа не е во ред, но тој се сметаше за толку моќен, што мислеше дека никој ништо не му може. Не само што тоа го игнорираше, туку и ме наговараше да му подведувам деца, но само деца до 11 години, бидејќи повозрасните веќе биле извалкани.

ПРЕС24: Што беше пресудно за сето ова Вие да го обелодените?

ЈОВАНОВИЌ:  Се беше пресудно, особено смртта на богословот Милиќ Блажановиќ во манастирот Папраќ. Тој манастир е познат по хомосексуалноста и педофилијата. Оттаму е произлезен и Владиката Пахомије. По него беа четири хомосексуалци кои ги растера полицијата кога фрлија бомба во меѓусебните караници, кој со кого имал секс. Потоа беше манастир за казни, каде ве праќаат да ве скршат духовно за да бидете поблиску до Владиката. Милиќ е сексуално злоставуван и на крај убиен кога проговори. Јас два дена бев повлечен од службите. Бев намесник на тој манастир. За тој настан не смееше да се разговара. Полицијата никогаш не не сослуша. Ќе се сложите. Навистина сомнително.

ПРЕС24: Кога решивте да проговорите за сето ова, дали почувствувавте страв?

ЈОВАНОВИЌ: Јас како христијанин стравувам само од господовиот гнев. Иако честопати ми се закануваа. Ми праќаа разни преговарачи да ме предупредат дека на парчиња ќе бидам исечен, но јас не се плашам.

ПРЕС24: Дали имавте некој од доверба. Некој кој би ви поверувал на овие информации. Сепак во прашање е Владика на Српската Црква. Нему по дефиниција сите би му верувале?

ЈОВАНОВИЌ: Фактите не се докажуваат. Сите се исплашија од она што излезе во јавност. Сите владици со кои јас седев, јадев и пиев, наеднаш почнаа на мене да не се сеќаваат. Еден ми рече: “Си загризал голем колач, Господ нека ти е на помош”. Еден официјално ја пренесе мојата приказна на Синодот, но еден господин од власта ми кажа дека тој има вонбрачна жена и две деца. Кога тоа му го кажав в лице, тој ме замоли за тишина потенцирајќи дека мојата приказна ќе ја пренесе каде што треба. Уште рече дека ако излезе книгата, “ние сме готови”.

ПРЕС24:  Може ли Владиката Качавенда да се поврзе на кој било начин со некој од смтрините случаи што се случиле во кругот на Црквата?

ЈОВАНОВИЌ: Нормално. Веќе за тоа имам дадено исказ пред судот.

ПРЕС24: Пред извесно време во јавноста излезе уште еден случај со стриптерот Дејан Несторовиќ. Тој тврдеше дека Качавенда бил смртно заљубен во него. Знаете ли нешто повеќе за тој случај?

ЈОВАНОВИЌ: Качавенда такви луѓе ги имаше десетина на секој прст. Така што тоа воопшто не заслужува коментар. Јас за педерските балови пишувам во книгата.

ПРЕС24:  Качавенда не е единствен во СПЦ за кој се зборувало за педофилија. Пред него Епископот Пахомије беше обвинет за злоставување деца. Тој процес имаше и судски епилог и тоа во корист на Епископот Пахомије. Знаете ли нешто во врска со тоа? Дали некогаш сте разговарале со тие деца, или со нивните адвокати, можеби со нивните родители?

ЈОВАНОВИЌ: Класична поврзаност на црковните великодостојници со политичко-тајкунската мафија која со децении трае во Србија. Огромно количество на пари и кој знае што уште одиграа голема улога во тоа. Но, божјата правда е достижна. Судијата од Врање кој прв го кочеше случајот почина во Белград во болница. Последните негови зборови биле: “Ова ми е казна што го штитев Пахомије. И да има лек, ова ми е казна од Бога”. Прашајте ги луѓето во Врање. Разговарав со адвокатите и заклучокот е ист. Влијание на политиката и мито.

ПРЕС24:  Во јавноста тогаш излегоа некои шпекулации дека државната власт во Србија спречила Пахомије да биде осуден за педофилија?

ЈОВАНОВИЌ: Тоа не се шпекулации. Државата призна дека случајот не е добро воден и дека поради тоа застарел и државата ја исплати оштетата на тие лица, што се однесува до грешките на државата.

ПРЕС24:  Кој дeнеска попречува Качавенда да заврши на суд?

ЈОВАНОВИЌ: Додиќ, Иринеј Буловиќ, кој ги повикува сите институции во одбрана на Владиката на СПЦ во Македонија, а од друга страна повторно крие друг. Луѓе од поранешниот систем кои се провлекуваат и кои и сега се на власт во Србија.

ПРЕС24:  Дали Качавенда Ве тужеше за клевета и за навреда, бидејќи овие обвинувања се сепак многу сериозни?

ЈОВАНОВИЌ: Сите ние нестрпливо чекаме тој да не тужи. Тоа и јас го велам, ако не можете да му судите на Качавенда, тогаш судете ме мене. Тоа би бил преседан во историјата на судството. Обвинителството во фиока ја држи тужбата за убиство, за злоставување, а тоа исто обвинителство треба да ми суди по тужба за клевета. Ајде и тоа да го видиме.

ПРЕС24: Вие одевте и кај луѓето од Црквата за сето ова да им го објасните. Дали некој ви веруваше на почетокот?

ЈОВАНОВИЌ: Јас веднаш проговорив. Најпрвин кај свештеникот кој ме прати, тој ме молеше да молчам за да не му го уништам животот. Кога му се обратив по десет години и му реков еве јас молчев сега вие проговорете, тој негираше дека воопшто ме запознал со Качавенда. Му пишував и на Патријархот Павле, кој сето тоа го игнорираше се додека не му се заканив со новинари. Ме прими. И кога слушна две реченици ми рече: “Јас немам сила тоа да го решам”. Јас му реков дајте некој кој има, а тој ме исфрли. Јас му одговорив: Ваша Светост јас не дојдов по ваш благослов бидејќи на моето ракополагање беа три Епископи и 150 свештеници, ако тогаш не добив благослов никогаш и нема да го добијам. Само не знам како можете да спиете со сознанието дека дете е убиено.

ПРЕС24: Тој случај со Качавенда до неговото повлекување, траеше можеби една или две години. Ако постоеја докази, кои ги имаала и Црквата, тогаш која е причината Качавенда да не биде разрешен порано?

ЈОВАНОВИЌ:  Не е разрешен бидејќи мнозинството епископи тој ги држи в рака поради нивни валкани работи. Самата комисија повеќе се обидуваше да ја разводни приказната и да го заштити Качавенда, отколку да го осуди. Владиката Јоаникије, кој ја водеше истрагата беше под постојани смртни закани. За тоа време челниците му дадоа простор да прави што сака, да уценува и да се заканува, но тоа не успеа. Пресудно беше апсењето на свештеникот кој мене сакаше да ми ги продаде порно филмовите на Качавенда. Јас за тоа ја известив полицијата. Полицијата во наместена акција го уапси и тој се призна. Тој призна како ги подведувале децата по фризерски салони, училишта итн. Но, тогаш Качавенда се јавува во кабинетот на министерот на полицијата и некој сето тоа го повлече.

Тогаш можеа да го затворат со сите докази кои ги има и власта и црквата. Апсурдот да биде поголем, свештеникот кој е приведен и тоа за дело за кое е предвидена казна од пет години затвор, слободно служи како свештеник на СПЦ и тоа во епархијата кај Епископот кој беше одреден за бораба против педофилијата.

ПРЕС24: И? Имате некаков коментар на тоа?

ЈОВАНОВИЌ: Секако! Пари и сознанието кој од нив е во вонбрачни врски, матни игри итн. Сега е создадена група на свештеници која со помош на полицијата собира докази за други епископи за да ги оттргнат. Тоа се стравични документи за поврзаноста на Црквата со криминалците. Јас со сето тоа сум запознаен, но сепак ќе оставам тие да го завршат тоа до крај. Она од што се плашат, а што медиумите внимателно го објавија е сомнителниот избор на сегашниот Патријарх и мрачната тајна за мајорот од државната безбедност, чија вонбрачна ќерка е мажена за еден свештеник, нешто што ми го потврдија во полицијата. Кога тоа му го спомав на владиката Јоанике, тој ми рече: “Не тоа! Те колнам во Петар Цетински”.

ПРЕС24:Мислите дека Качавенда ги уценувал останатите Владици во СПЦ? Со што на пример, бидејќи со самиот факт дека тој е повлечен од Епископ ја потврдува вистинитоста на приказната. Но тој не е осуден?

ЈОВАНОВИЌ: Качавенда е сменет едногласно, што ја потврдува мојата приказна. Но, тие не смеат да му судат, бидејќи со тоа ќе признаат соучество дека се знаеле, што исто така е кривично дело.

ПРЕС24:  Кој од СПЦ најмногу го бранеше, но денеска го брани Качавенда?

ЈОВАНОВИЌ:  Најмногу го брани Иринеј Буловиќ на кого, по сведочењата на Владиката Јоаникје и на некои други, Качавенда само во еден наврат му има дадено 200.000 евра. А кој знае за што се уште се работи.

ПРЕС24:  Каква беше улогата на Иринеј Буловиќ во оваа приказна? Тој важи за еден од највлијателните владици во СПЦ?

ЈОВАНОВИЌ: Коа во Синодот разбраа дека Иринеј Буловиќ е цврсто на страната на Качавенда, мене ме ангажираа да најдам млада девојка која треба да оди во Манастирот во Кач, каде Иринеј гради нешто, исто како што Качавенда го направил за себе. Таа требаше да каже дека и се јавила Богородица и дека токму тука сака да се замонаши за да ја стекне довербата на тамошните жители. Требаше да ја испратиме со дарови за манастирот кои требаше да ги купат членовите на синодот, а таа требаше да биде озвучена и опремена со камера за тајно да ги сними просториите на Иринеј Буловиќ и на тој начин Синодот да го уценува за да не го брани Качавенда. И така да се пресметаат со него. Во секој поглед.

ПРЕС24: И што се случи?

ЈОВАНОВИЌ: Кога јас се согласив, се уплашија..и се полвекоа. Помислија дека јас сето тоа можам да го злупотребам. Но поентата е друга. Гледате ли на што се се тие подготвени. Со што се занимаваат Владиците на СПЦ. Тоа ја покажува нивната подготвеност да направат се. 

ПРЕС24: Зошто на Качавенда и денеска не му е одземен црковниот чин?

ЈОВАНОВИЌ: Гледате дека мнозинството епископи на СПЦ се плаши од својата сенка. Но и големи пари се во игра.

ПРЕС24: Честопати се зборува дека Црквата е во директна спрега со Власта. Тоа не е случај само кај Вас во Србија, тоа е случај во голем број држави. Мене ме интересира кој од СПЦ и со кого во политиката има најблиска соработка?

ЈОВАНОВИЌ: Ние како народ одбравме умерен национализам, мислејќи дека ќе добиеме траен мир, но добивме насилство, екстремна идеологија, култ кон личности или идолопоклонство, држава без народ и црква без вера и морал. Нам секој ден ни зборуваат за некакви повици за национални интереси, а народот скита во мрак, незнаејќи ни самиот што бара. Тоа е една воена диктатура, ако кренете глава сакаат да ве уништат бидејќи вие навидум повикувате на војна и ја рушите црквата и државата. Ако кажете дека Качавенда е педофил ви сте државен непријател кој го плаќаат непријателите, најверијатно муслимани кај кои јас одам во Сараево. Во истото тоа Сараево, јас сум предавник, а Качавенда и Патријархот се црковни великодостојници. Ваква Црквата е добра за сите, не е важно дали вчера живееја во војна или не знаат ниту да се прекрстат. Црквата во Србија ќе склучи сојуз и со ѓаволот, кога тој би бил отелотворен, само за да дојдат до власт.

ПРЕС24:  Вие претпоставувам сте свесни дека со сето ова што го зборувате во јавноста и правите штета на црковната слика. Она што јас сакам да Ве прашам е како реагираат верниците на Вас кога ќе Ве видат на улица, или на кое било друго место?

ЈОВАНОВИЌ: Јас не зборувам негативно за црквата како заедница на верен народ или не дај боже против учењето. Јас само укажувам на криминалните дела. Но, исто така на Црквата пред неколку години и понудив тоа да го направиме во тајност, на што поединци се смееја. Лошата слика за Црквата ја создадоа тие кои се занимаваа со нечесни работи, а се криеја зад мантијата. Верниот народ е и со срце и со душа со мене. На сите им е доста од смирените кои излегуваат од блиндирани автомобили со обезбедување, а зборуваат за убавината на сиромашноста.

ПРЕС24: Дали некој Ви се заканува? И кој ве штити?

ЈОВАНОВИЌ: Никој не ме штити. Се движам каде сакам, бидејќи за разлика од нив немам од што да се плашам. Ми се закануваат постојано, но не се плашам. Пред две години в очи го погледнав човекот кој Качавенда го ангажираше да ме убие. По разговорот со мене само рече: “Ти си во право и на мојот син тоа да го направиле јас сите ќе ги убиев”.

Прес24: Дали СПЦ ви го одзеде црковниот чин?

ЈОВАНОВИЌ: Црковниот суд на СПЦ мене никогаш не ми судеше. Никогаш не ме повикаа на одговрност и нема одлука на СПЦ со која ми се одзема црковниот чин. Јас и денеска ја носам мантијата на сите промоции на книгата.

ПРЕС24: На крај, ова интервју го правиме со Отец Серафим, или со Бојан Јовановиќ?

 

ЈОВАНОВИЌ: Зарем тоа е важно. Јас сум оној кој што сум и не можам да бидам друг. Со едната нога одам како Серафим, а со другата како Бојан.

 

 

Оцени ја веста

22.11.2014 - 11:56

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега