Честитка од претседателот Иванов по повод Денот на албанската азбука
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов по повод 22 Ноември - Денот на aлбанската азбука, денеска упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија.
- Одбележувајќи го Денот на албанската азбука во Република Македонија ја потврдуваме определбата за негување на нашето мултиетничко општество и почитувањето на етничките и културни различности. Прославувањето на 22 Ноември значи негување на културните вредности и особености на албанската етничка заедница во Република Македонија. Почитувајќи, зацврстувајќи и унапредувајќи ги меѓусебните односи ние придонесуваме во градењето на заеднички соживот, вели претседателот Иванов во честитката.
Богатството на еден народ, додава Иванов, се темели врз почитувањето на традицијата, на јазичното и културното наследство кое е јадро што во себе ги содржи минатото, сегашноста и иднината. Уважувајќи ги разликите, потенцира македонскиот претседател, градиме доверба и разбирање во општество во кое не треба да има предрасуди за етничките, националните и верските разлики.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа