Груевски го честита Денот на албанската азбука: Ја негуваме толеранцијата и меѓусебното почитување
Премиерот Никола Груевски денеска упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука.
- Унифицирањето и создавањето на модерна азбука преставува значаен чекор кон писмениот и културен развој. Тоа е и клучот за развој и растеж во сите процеси, културни, економски, политички и општествени. Денешниот празник е значаен ден за сите припадници на албанската етничка заедница во Република Македонија, но и неговото одбележување е значајно за развој на мултиетничноста и негувањето на таквите вредности, вели македонскиот премиер во честитката.
Во неа тој додава дека преку нивното празнување ја негуваме толеранцијата, го валоризираме меѓусебното почитување кое како држава ни е значајно, а, како што потенцира, споделувајќи ги особеностите на заедниците ние создаваме модел кој треба да биде пример како по својата уникатност така и по неговите карактеристики на заеднички соживот, почитта, и традицијата на меѓусебно разбирање.
- Таквите вредности треба да се длабоко вкоренети меѓу граѓаните и нераскинлив дел од постоењето на Република Македонија. И затоа како ќе се однесуваме кон овие прашања зависи и каква иднина ќе градиме. Тоа се заеднички вредности кои треба да се предност на нашето општество и стимул со заеднички сили да продолжиме да работиме за доброто на нашата држава, да продолжиме со напорите за обезбедување на услови за раст и развој и унапредување на стандардот на граѓаните, вели премиерот Груевски во честитката до припадниците на албанската заедница.
Обединувањето кон овие важни теми дава дополнителна енергија и сум убеден, вели Груевски, дека само така можеме да постигнеме многу повеќе за нашата заедничка држава Република Македонија.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа