Божиновска до реисот Реџепи: Многу навреди до Македонците муслимани

Претседателката на Комисијата за верски заедници Валентина Божиновска во реакција на колумната на поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ) во Македонија, реисот Сулејман Реџепи, посочува дека тој во неа се огласува како да претседател на политичка партија, а не како претседател на втората по големина верска заедница во земјата. 

Во продолжение МИА во целост го пренесува соопштението на Божиновска.  

„Ефенди, Ефенди,

За жал уште еднаш се огласувате небаре сте претседател на политичка партија, а не прет­седател на втората по големина верска заедница, Исламската верска за­ед­ница. Зар личи и при­личи првиот човек кој треба да биде гласник на обединувањето, помирува­ње­то, љу­бов­­та, кој треба да биде пример на нацијата со богоугодни зборо­ви и реторики, Вие, Ефен­ди, сурово да ги нападнете Македонците мус­лимани.

Кој верски лидер се дрзнува да го скрши македонското нацио­нал­но ткиво и луѓето кои во одреден историски период беа исла­ми­зирани и кои се чувствуваат како Македонци, да ги нарече ин витро нација. Што сте вие, Ефенди? Претседател? Потпретседател? Порт­парол на одредена политичка партија? Или, верски лидер чија задача е да поста­пу­ва разумно, мудро и да не ги загрозува високите човечки морални вредности? Убаво би било да тргнете еден ден по Река, да појдете во Жировница, во Велебрдо, во Ростуше и да го слушнете тој најубав певлив македонски јазик, тоа ретко патриотско чувство кое го имаат за македонската држава, тие прекрасни духовни луѓе кои и се чувствуваат Маке­дон­ци и дишат на македонски и според ликата и приликата на еден поединец не е важ­но колку ги има по број, важно е колку се корисни како поединци во државата. Тие се, Ефенди, и ко­рис­ни и духовни и по јазикот и по чувството им македонско и по ставот им национален македонски. Имаат право на сопствена веро­ис­повед и на сопствено нацио­нално чувство.

Сетете се за што се залагаше покојниот - стожер на Исламската верска заедница, еф. Ја­куб Селимовски, кој беше дел од нив и со как­ва љубов зборуваше за нив. Зошто е непри­фат­­ли­во за Вас дека пос­тојат Македонци муслимани. Како што постојат Албанци мусли­ма­ни, Албанци католици, Албанци православни.

Ефенди, многу навреда фрливте врз Македонците муслимани. Отворете го Куранот, Сура 23, 43 „Ниеден народ не може ни да го забрза ни да го задоцни рокот негов“ (цитат од Куранот).

Ете, Ефенди, ова Ви го цитирам од Светата книга Куранот. А се­га наместо понатамошно беседење од моја и од Ваша страна, Ви пре­то­чувам една од песните со најсликовито опишано чувство на Маке­до­нецот муслиман, чиј автор е единствениот Сами Жарноски:

 

Ме викате Торбеш, но мојот прадедо
вера не би менил ни за торба сребро.
Меса му капеле под кундаци силни
животот му течел од жилите сини.

Ме виката Торбеш но горам од љубов
за секоја грутка на мојава земја.
Вардар, Пирин, Егеј ми го пленат умов
на срце ги носам како пролет цветна.

Не викајте ме ТОРБЕШ
Зошто ѕвездите ќе ми изгаснат во очиве
и ќе се исцедат како солзи на доенче.

Не викајте ме ТОРБЕШ
зашто и сонцето пци ќе ми го исколат
и кобили со врели копита
градиве ќе ми ги здробат.

Не викајте ме ТОРБЕШ
зашто ќе ми пресушат потоците во жиливе
а утробата одрана кожа ќе ми се стори.

Не викајте ни ТОРБЕШ
зашто кринов цвет ни вовирате во мишкиве суви
што ги притајуваме со болка и надеж и вера
во секое наше утре.

Не викајте ни ТОРБЕШ
зашто млекото ќе им се пресуши
на момиве наши со заруменети образи,
а на ергените красти ќе им ги искинат кожите.

Не викајте ни ТОРБЕШ

и не вовирајте ни нокти во мозокот

нас не ќе не' сотре безименоста“.

 

 

Оцени ја веста

21.11.2014 - 14:27

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега