Зголемен бројот на заболени од хронична опструктивна белодробна болест
Секое лице постаро од 40 години кое ги препознава симптомите на хроничната опструктивна белодробна болест (ХОББ), како што се кашлица, создавање и искашлување секрет и отежнато дишење, треба да оди на лекар и да ги направи превентивните прегледи. Најдобра превентивна мерка е престанок со пушењето и во тоа потребна е помош од семејството и заедницата. Македонија е меѓу земјите каде ХОББ бележи постојан подем. Нема официјален регистар за заболувањето, меѓутоа околу 100.000 луѓе боледуваат од ХОББ и постојано се зголемува нивниот број.
Ова денеска го истакна директорката на Институтот за белодробни заболувања и туберколоза, Билјана Илиевска Попоска на одбележувањето на Светскиот ден на хроничната опструктивна белодробна болест под мотото „Не е предоцна“. По тој повод, денеска во Домот на АРМ Институтот до 15 часот организира бесплатни превентивни прегледи преку тестови за мерење на функцијата на белите дробови и се делат пропагандни материјали. Таа рече дека треба да се зголеми свесносна и знаењето за ХОББ кај општата популација во однос на потребата од навремена дијагностика и лекување.
- Хроничната опструктивна белодробна болест е една од најчестите болести со смртен исход и се карактеризира со намален проток на воздух во дишните патишта. Оваа реакција најчесто е прогресивна и е следена со една воспалитена реакција во белите дробови кон различни штетни честички и гасовити супстанции. ХОББ претставува системско заболување бидејќи кога се јавува најчесто се зафатени и други органи, посочи Илиевска Попоска.
Појасни дека заболувањето е најчесто во земјите каде пушачките навики се се уште многу распространети. Пушењето, истакна таа, иако не е единствен ризик фактор се смета за главен ризик фактор во настанувањето и прогресијата на болеста.
- Сите пушачи страдаат од брзо оштетување на функцијата на белите дробови во зависност од бројот на испушените цигари и пушачкиот стаж. Во светот околу 60 милиони луѓе боледуваат од ХОББ или се смета дека еден од 10 возрасни индивидуи постари од 40 години најверојатно има ХОББ. Во светот секоја година околу три милиони умираат од оваа болест. Според податоците на СЗО, ХОББ е трета водечка причина за смрт во светот веднаш по коронарната исхемична болест и мозочниот удар. Во светот годишно околу три милиони луѓе умираат од ХОББ, додаде Илиевска Попоска.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа