Четврти Саем за деца во Скопје Сити Мол

Едукативни игри, конкурси, натпревари, мини детска олимпијада, дружење со македонските фудбалски ѕвезди, претстави, детска модна ревија, како и попусти ќе понуди четвртиот Саем за деца што од 21 до 23 ноември ќе се одржи во Скопје Сити Мол.

Саемот, како што информира организаторот, е замислен како најголем собир на деца од различни возрасти, кои заедно со нивните родители ќе минат четири дена исполнети со креативни и забавни содржини.

Дел од настаните кои ќе се одржат во следните четири дена се концерт на Златните славејчиња, хип хоп level.up работилница со Ритам Плус, квизови на знаење, детски олимписки игри, надополнети со уникатна парада на декорирани бебешки колички, бебешка трка во лазење и трка со дубачиња, како и несекојдневна детска модна ревија.

На вториот кат кај одделот за храна ќе биде поставено мини фото студио, каде ќе бидат фотографирани сите заинтересирани деца кои би можеле да станат лица на календарот на Скопје Сити Мол за 2015 година, насловен „Биди ѕвезда во 2015”. Фотографирањето, кое ќе се спроведе во деновите на траење на Саемот за деца, е првата фаза од изборот на детски ликови. По фотографирањето, ќе бидат избрани 24 лика, за кои ќе може да се гласа на социјалните мрежи, а 12 од нив ќе бидат дел од големата фотосесија за календарот, која ќе биде реализирана од македонската фотографка Маја Аргакиева.

За децата до петгодишна возраст е резервирано катчето на Сити кидс клубот каде ќе се бои, игра и моделира, а за оние поголемите, пак, е предвидена забава во Game Zone, местото на вториот кат каде ќе се плете со гумени ластичиња, ќе се составуваат четири бои во низа и ќе се игра последната хит игра на Сони, Sky Landers. Посебни физички активности за психо-моторика на деца до седум години ќе бидат организирани во текот на целиот саем.

 

 

Оцени ја веста

19.11.2014 - 13:10

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега