Државите од АСЕАН со поттик за студирање на другите членки од Асоцијацијата

 

 

Филипинскиот министер за образование Армин Луистро денеска најави дека неговата држава ќе биде координатор на акцијата со која на студентите од државите на југоисточна Азија ќе им се олеснат можностите да студираат во држава-членка на АСЕАН во која што ќе посакаат.

Ова, според филипинскиот министер ќе биде значителен придонес за функционирањето на идната Економска унија на АСЕАН, која формално ќе биде прогласена кон крајот на идната година.

Економската Унија на АСЕАН, како што се планира, ќе ги има речиси идентичните правила што владеат во Европската унија, а остварувањето на единството на АСЕАН ќе се потпира и на поголемо запознавање и поврзаноста на над 600 милиони жители на овој регион.

Филипинскиот министер за образование истакна дека размената на искуствата од образованието не ќе ги опфати само академските граѓани, туку ќе се стимулира и следење на средното образование вон матичната држава. Со посебен документ ќе се определи колку од државниот буџет на десетте членки на АСЕАН годишно ќе се издвојува за финансиска помош на студентите кои ќе се образуваат надвор од својата држава.

Во АСЕАН, чија економија годинава заедно ќе оствари 2.600 милијарди долари се здружени Филипините, Малезија, Брунеи, Сингапур, Индонезија, Виетнам, Лаос, Камбоџа, Мјанмар и Тајланд.

 

 

Оцени ја веста

19.11.2014 - 12:01

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа