Екстремен воден парк доаѓа во Дојран - Стамов најавува градежна експанзија
Товарот не е лесен, но фокусиран сум на крајната цел, Дојран да се оттргне од имиџот на мало погранично место, со мало езеро, каде што се случуваат мали и неинтересни работи, вели градоначалникот Борче Стамов во интервју за весникот Нова Македонија.
Стамов за Нова Македонија вели дека очекува наесен да ги понудат локациите за продажба на потенцијалните инвеститори. Градоначалникот истакнува дека локациите веќе ги презентираат локациите пред домашни и странски инвеститори.
-Се надевам дека наредната година ќе имаме барем еден нов капацитет во зоната. Постои интерес, но постои и големо колебање кај инвеститорите, имајќи ја предвид тешката економска состојба. Збогатувањето на туристичките содржини ни е приоритет и убеден сум дека екстремен воден парк на Дојранско Езеро ќе има, го привршуваме проектот и со него планираме да аплицираме на повикот за прекугранична соработка со Грција. Дополнително, почнавме со подготовка на планска документација и за воден парк во Дојран, проект за кој имаме заинтересиран инвеститор, вели Стамов за весникот.
Стамов за Нова Македонија вели дека ќе се обиде да ги искористи сите можности за финансирање проекти од странски фондови.
-Туризмот е еден од приоритетите во работата на Владата и поддршката од централната власт не изостанува. Дел од таа поддршка е видлива за граѓаните и туристите, дел сѐ уште не. Во процедура се девет урбанистички плана и сите се во финална фаза. Многу брзо општината ќе биде опфатена од градежна експанзија, а тоа многу значи за целокупниот локален економски развој. До почетокот на сезоната очекувам уште една сериозна инвестиција од централната власт, но не би избрзувал со најавата, истакнува Стамов .
Извор: Нова Македонија