Масовни протести на огорчените Унгарци против данокот на интернет

 

Десетици илјади Унгарци учествуваа во денешните демонстрации во Будимпешта и во другите градови од земјата изразувајќи ја огорченоста од политиката што ја води десничарската влада на премиерот Виктор Орбан.

„Ден на огорченост“ е последниот во низата масовни улични протести, почнати уште минатиот месец, откако владеjачката партија на Орбан - Фидес предложи воведување данок на Интернет.

Пред унгарскиот Парламент во Будимпешта се собраа околу 25.000 лица кои носеа транспаренти со паролата: „Не можеме да платиме толку данок колку што Вие можете да украдете“.

Демонстрантите, исто така, извикуваа „Орбан, оди си“.

- Не сакаме Орбан да не води кон Путин и Русија. Ние сме земја на Европската унија и сакаме да останеме во Европа, каде и припаѓаме, изјави 26-годишниот студент Балинт Фаркаш, еден од учесниците во демонстрациите.

Демонстрациите во Будимпешта беа најмасовни, а ширум земјата се одржани повеќе од 20 протести.

Масовните протести од минатиот месец заради предлогот за вовeдување данок на Интернет го присилија Орбан да се откаже од оваа идеја, што е првото позначајно политичко повлекување од неговото повторно  доаѓање на власт, во 2010 година.

17.11.2014 - 20:48

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега