ВИДЕО18+: Поради овој филм вечерва во киното Милениум примаат само полнолетни
Проекцијата на филмот е во 20 часот во рамките на Фестивалот на европски филм „Синедејс“. Ќе бидат прикажани двата дела од филмот, еден по друг така што проекција од 22.30 часот во киното „Милениум“ вечерва ќе нема.
Како што велат од Младинскиот културен центар, организатори на „Синедејс“, во програмата е назначено дека филмот не е наменет за малолетна публика.
-Ја прикажуваме нецензурираната верзија. Затоа и поставивме назнака во програмата дека филмот не е за малолетна публиказа гледачите да бидат однапред информирани дека сепак се работи за филм со сцени кои имаат експлицитна содржина, велат од МКЦ.
Филмот е по режија и сценарио на култниот Фон Трир, чиј филмски свет некогаш е исклучително тежок за гледање. „Нимфоманијак“ е дива и поетска приказна за животот на една жена од нејзиното раѓање до 50-та година, која ни ја раскажува главниот лик, самодијагностицираната нимфоманка Џо. По премиерта во декември, филмот предизвика бурни реакции кај публиката и кај филмската критика. Експлицитните сцени со секс и насилство се причините поради кои филмот наиде на жестоки критики.
Во некои земји беа прикажувани скратени, цензурирани верзии од филмот, но имаше и случаи кога неговото прикажување беше целосно забрането. Во Македонија вечерва филмот првпат ќе биде прикажан на филмското платно.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа