Јавните претпријатија на Град Скопје ја чистат општина Чаир
Јавните претпријатија на Град Скопје „Комунална хигиена“, „Улици и патишта", „Водовод и канализација“ и „Паркови и зеленило“ три дена ќе учествуваат во акцијата за чистење на скопската општина Чаир.
Акцијата ќе опфати чистење на малите, диви депонии, поправка на оштетените контејнери, санација на дупките на општинските улици, чистење на шахтите на атмосферските и фекалните канализации, кастрење на исушените гранки на дрвјата и уредување на јавните зелени површини во општината.
На почетокот на акцијата во Чаир присуствуваа градоначалниците на Скопје и Чаир, Коце Трајановски и Изет Меџити и директорите на јавните градски претпријатија. Акцијата е дел од 11-тиот циклус посети на општините на Град Скопје и средби со претставниците на урбаните и на месните заедници.
- Изминативе години на територијата на Чаир, како резултат на добрата соработка на администрацијата на Градот и Општината, се реализирани голем број проекти за подобрување на животот на граѓаните. Во 2015 година се планирани неколку поголеми инвестиции во оваа општина, односно делумно проширување на булеварите „Христијан Тодоровски Карпош", „Цветан Димов“ и „Никола Карев“. Во соработка со службите на Општина Чаир, работиме на расчистување на имотно-правните односи, кои дополнително се искомплицираа со процесот на денационализација, истакна Трајановски.
Меџити изјави дека овие средби даваат позитивни резултати на терен и ја подобруваат комуникацијата на општинската администрација и урбаните заедници со јавните претпријатија. Тој искажа задоволство што следната година ќе има проширување на булеварите во Чаир, со што ќе се подобри сообраќајот во општината.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа