Правниот факултет нелегално им наплаќал 500 евра на студентите
Вишиот управен суд одлучил дека Правниот факултет Јустинијан Први постапил спротивно на Законот за високо образование, кога на студентите од генерацијата 2008/09 им наплаќал незаконски по 500 евра како надомест на трошоци за пријавување, подготвување, прегледување, оценка и јавна одбрана на магистерскиот труд.
Управниот суд преходно ја отфрлил жалбата на Правниот факултет против одлула на Државниот просветен инспектор и решение на Министерството за образование, односно одлучил дека Јустинијан Први ја донел одлуката за наплата спротивно на законските одредби. Потоа Факултетот се жалел до Вишиот управен суд, кој исто така ја отфрлил жалбата и ја потврдил пресудата на првостепениот суд.
Според судската одлука, Јустинијан Први не ги почитувал одредбите од член 150 став 1 алинеа 5 од Законот за високо образование, според која, студентот има право редовно да се образува, напредува и да ги заврши студиите, под условите кои важеле при уписот.