Канческа Милевска: Културата е идентитетот на секоја држава

 

Поддршка за уметниците, реализација на планираните проекти во областа на културата, а инфраструктурни објекти. За овие теми, но и за останати проекти во културата министерката Елизабета Канческа Милевска разговараше со новинарите на Курир.

Пред неколку дена доделивте четири нови решенија за национални пензии. Се добива впечаток дека македонските уметници кои се во пензија конечно може да се пофалат со вистинска поддршка и да им се валоризира сето она што го имаат досега направено.

Ова беа дел од решенијата што ги доделивме во рамките на измените на Законот за културата со кои се воведоа националните пензии. Досега доделивме 53 решенија на наши, македонски уметници, а сега бројката се зголемува. Националните пензии се однесуваат на уметници кои имаат оставено значителен влог во македонската култура и уметност. Кога ги работевме измените на Законот, единствена идеја и заложба ни беше токму тоа, да се оддаде почит на сите уметници кои имаат оставено траен белег во македонската култура. Особено ме радува податокот што секоја година се зголемува и бројот на уметниците коишто добиваат една од трите награди кои се услов за стекнување на националната пензија. Ова признание е од огромна важност како морален чин. Кога говориме за овие национални пензии, за валоризација на трудот на уметниците, сакам да споменам дека и Законот за национален уметник има далекосежна мисија и иднина за уметниците без разлика кој се наоѓа на позицијата министер за култура или кој ќе биде на чело на Владата. Секое министерство во иднина ќе има обврска да ги поддржува уметниците бидејќи во тој закон таксативно се наредени сите услови во секоја дејност што треба да се исполнат.

Секоја година се трудиме да вработиме нов уметнички кадар во нашите институции, како што се: Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Танец итн., кадар без кој самата институција не може да функционира. Тоа ќе го направиме и оваа година, ќе има голем број вработувања на уметнички кадар, се со цел сите истакнати уметници што го завршиле своето образование да си го најдат своето место во нашите највисоки национални институции.

Критика да, манипулација не. Тоа е вашиот одговор на нападите од страна на опозцијата. Колкав е просторот за споредба во областа на културата за она што е направено од сегашната опозиција во време кое беше на власт и она што сега претставува културна реалност во Македонија?

Секогаш сум била за критика и навистина критиката ја сметам за нешто што може да помогне во подобрување на состојбите во делот на културата, во оној ресор што го водам јас. Но, онаа критика што не се базира на аргументи, што се заснова на празни зборови, не е добра не само за Министерството или за мене лично туку не е добра во целост, за нашата култура и уметност. Многу е добро да се дебатира, да се разговара, може да добиете насоки како може нешто да се подобри. Во Министерството за култура со колегите секогаш дебатираме, се обидуваме да детектираме одредени слабости, да видиме како можеме нешто да подобриме. Културата покрива многу дејности и треба да имаме рамномерен пристап кон неа,  да имаме почит кон сите уметности. Кога имаме критика, добро е таа да се заснова на одредени аргументи, да слушнеме тие да посочат некој модел за да се подобрат одредени состојби. Тоа го немаме од другата страна. Сите тие манипулации се неосновани, нема аргументи, кажуваат само  празни зборови.

Анализирајќи ги и состојбите и културните политики во другите држави, ме радува што веќе и ЕУ полека, но сигурно, културата ја позиционира на многу важно место. Културата е идентитетот на секоја држава. Економски просперитет на една држава не може да се замисли без културата, тоа мора да е заемно поврзано. Културата дава еден економски бенефит на државата, социјална благосостојба, и мене ме радува што Владата ја позиционираше културата кај нас на централното место во системот, во општествениот развој.

Ако друга Влада досега даваше поддршка во културата, имаше  чувство кон уметноста, инвестираше во инфраструктурните капацитети, сега ќе имавме можност да дебатираме - дали тогаш било подобро, дали сега ова што се инвестира е подобро. СДСМ покажа и во периодот кога беше на власт дека нема чувство за културните и уметничките вредности. Не знам зошто барем малку не се обидат да дадат поддршка на сопствената култура, историја, почит кон идентитетот, кон она што претставува најисконско и највредно нешто  за една држава. 

Ние се трудиме максимално да го исполниме сето она што е ветено во програмата на Владата и сакам да изразам благодарност до сите министри во Владата, до пратениците и до претседателот на Владата Никола Груевски, кој има силно чувство за припадност, силно чувство за почит кон уметничките и кон културните вредности.

Како еден од приоритети на Владата е културата, а во таа насока се изградени голем број инфраструктурни објекти. Кои се објектите кои наскоро би биле завршени, а ги имате ветено пред јавноста?

Еден дел од проектите се зацртани во програмата на Владата, а голем дел од нив се и во Годишната програма на Министерството за култура. Како што знаете,огромен дел од проектите се завршени и ставени во функција, и преостануваат новите проекти што ги имаме ветено.

Многу значајно за мене е што поминаа оние времиња на   декларативни заложби  во кои во минатото кажуваа дека нешто треба да се направи. Веќе имаме една конкретна програма со визија, кога нешто ќе ветите и ќе дадете збор пред сопствените граѓани, тоа мора да го реализирате. Ние секојдневно ја следиме програматашто е ветена и со голема љубов, посветеност и енергија се трудиме што побргу да се реализираат тие проекти.

Отворена е новата зграда на МНТ, заврши изградбата на Театарот во Велес, Спомен-куќата на Мајка Тереза, Спомен-куќата на нашата музичка легенда Тоше Проески, отворени сеМузејот на македонската борба, Археолошкиот музеј. Тоа е мал дел од капиталните инвестиции. Водиме сметка не само да имаме инвестиции во главниот град Скопје туку да има инвестиции низ цела Македонија. Тука е проектот за обнова на фасади во старите градски јадра со кои настојуваме да ја зачуваме автентичната староградска архитектура. Направивме напори во секој град да се обноват музејските поставки, самиот музеј да го отсликува културното наследство на секој град. Големи средства и енергија  вложивме и во делот на археолошките истражувања, при што се пронајдени голем број артефакти  кои се архивирани, конзервирани и поставени во новите музејски поставки.

Инвестициите се огромни. Во сите центри на културата се потрудивме да ги обновиме киносалите со  најнова опрема која е веќе ставена во функција. Навистина е евидентен интересот на граѓаните и за македонската и за странската кинематографија. Со донесувањето на новиот Закон за филмска дејност, одвоени се повеќе средства за поддршка на филмовите, имаме зголемена продукција на македонската кинематографија која ќе може да се презентира насекаде низ државата.

Паралелно работиме на изградбата на новата сала за Македонската филхармонија, реконструкцијата на Албанскиот театар, изградбата на Турскиот театар, возобновувањето на Светиклиментовиот универзитет. До крајот на годинава ќе го отвориме и Музејот во Штип, а ќе започне  изградбата на  Спомен-куќата на Татарчеви во Ресен.

Сиве овие инвестиции се од огромна важност за уметниците, за нашата култура и за нејзиното унапредување. Реализацијата  на овие инвестиции овозможува и соработка и размена на проекти и со другите држави. Со отворањето на новиот МНТ, создаден е и нов меѓународен фестивална кој минатата година можевме да видиме  голем број театарски остварувања од други држави што се реализираа во новиот објект.

Дадовте отчет за Националната стратегија за развој на културата 2013-2017. Колку сте задоволни од она што досега од оваа стратегија е реализирано?

Овој документ е многу важен за унапредувањето на културата и на него се работеше со еден сериозен, аналитички пристап. Стратегијата го покажа сериозниот однос на државата кон сопствената култура. Сето она што го утврдивме како мерка, веќе го реализираме. Покрај  инвестициите во делот на издавачката и литературната дејност, воведовме една многу значајна мерка – конкурс за странски издавачи, за превод на наши дела на други странски јазици. Со тоа овозможуваме да се преведат делата на нашите писатели на друг јазик и да се пласираат на странскиот пазар. Сите оние меѓународни саеми на книгата, исто така, даваат можност за добивање авторски права за друга книга, за презентирање на македонското литературно творештво. Целокупниот процес дава успешен бенефит во делот на литературната дејност во Македонија.

Воведовме и мерка за откуп на ликовни дела и помали скулптури кои можат да се сместат во еден галериски формат во поставките. Со тој откуп им се даде можност на ликовните уметници да им се откупат делата, но на овој начин се стимулираше и нивната работа.

Во драмската дејност се откупуваат текстови на македонски автори кои ќе бидат изведувани од нашите театри. За отворање на МНТ, врз основа на овој конкурс, беше откупено делото на Јордан Плевнеш, „Вечната куќа“.. На истиот начин беше селектирано и откупено делото на Братислав Димитров со кое на 13 декември ќе се отвори новиот велешки театар.

Во Извештајот на Европската Унија за напредокот на Македонија, во делот на култура сме спомнати многу кусо. Ваш коментар?

Веќе неколку години ситуацијата се повторува и мене ме радува тоа што на седницата на Комисијата за култура при Собранието на Република Македонија имавме можност со сите членови на Комисијата  да го потенцираме токму ова, дека културата е спомената со две-три реченици во извештајот и дека таа заслужува поголемо внимание со оглед на сите проекти што се реализирани. Пак ќе потенцирам, следејќи ја програмата на Европската Унија, мислам дека и тие увидоа дека е потребно да се вложува во културата, дека треба да се даде должно внимание на културата. Ние во тој контекст успешно реализираме голем број проекти.

Тука е програмата што успешно заврши, „Култура 2007-2013“,преку која се реализираа огромен број грантови и проекти со невладиниот сектор. Ќе ја споменам новата програма,  „Креативна Европа“,со која навистина нудиме можност за поголем фонд средства и за нашите институции и за поедници и за невладиниот сектор, се со цел да аплицираат, бидејќи кога операторите ќе добијат средства од европските фондови, и Министерството за култура учествува во финансирањето на проектите.

Тоа се одлични проекти коишто нашето одделение успешно ги реализира заедно со ИПА-проектите што ни се доделени: целосно завршување на комплексот во Нагоричане, ревитализација и адаптација на Ѓулшен амамот во културно-информативен центар и др. Успешно работиме во таа насока, но навистина мислам дека кога се даваат тие извештаи,требада и се придаде поголемо внимание и поголема важност на културата не само на Македонија туку и на другите држави бидејќи културата е едно моќно средство коешто дава можности за огромна и меѓународна презентација на сопствената држава, размена на проекти, мобилност на институциите и уметниците, се со цел  да бидеме дел од тој европски културен мозаик.

16.11.2014 - 10:39

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа